Фото: Игор Бансколиев

Секоја општина во Скопје има барем едно специфично место каде што се лоцирани дивите пазарџии што продаваат разни производи. Распослани на картонски кутии, во нивните продажни гама-производи се наоѓа „од игла до локомотива“. Голем дел од нив продава и животни, најчесто кокошки и мали пилиња. Сето тоа е огромен проблем за скопјани, за безбедноста на сообраќајот, за хигиената на јавните површини, за естетиката и изгледот на главниот град, но и за здравата животна средина, која, несомнено, изминатиот период е една од главните теми и преокупации на сите жители на Скопје

ДИВИТЕ ПАЗАРЏИИ ПРОБЛЕМ РЕЧИСИ НА СЕКОЈА ОПШТИНА

Дивите продавачи што ги узурпираат улиците се редовен проблем речиси за секоја општина во градот. Главно, на овие импровизирани тезги се продаваат ситни работи, метли, штипки и разни други предмети, меѓутоа на голем дел се продаваат и прехранбени производи, а се продаваат и домашно произведени зимници, слатки и што ли уште не. Ваквите импровизирани тезги, најчесто поставени на обични картонски кутии, или, пак, на метални приправени конструкции, ги блокираат пешачките и велосипедските патеки, па граѓаните реагираат дека таквата узурпација мора да се запре.

БЛОКИРАН ТРОТОАР ПРЕКУДЕН, А НАВЕЧЕР ОСТАВЕНО ЃУБРЕ

Секоја општина во Скопје има барем едно специфично место каде што се лоцирани дивите пазарџии што продаваат разни производи. Распослани на картонски кутии, во нивните продажни гама-производи се наоѓа „од игла до локомотива“. Голем дел од нив продава и животни, најчесто кокошки и мали пилиња. Сето тоа е огромен проблем за скопјани, за безбедноста на сообраќајот, за хигиената на јавните површини, за естетиката и изгледот на главниот град, но и за здравата животна средина, која, несомнено, изминатиот период е една од главните теми и преокупации на сите жители на Скопје.
– Кога и да треба да одам на лекар во поликлиниката Бит-пазар, тротоарот пред поликлиниката целиот е узурпиран од диви пазарџии. Освен што е узурпиран тротоарот, преполно е и со ѓубре и остатоци од продавачите, кои наместо да си соберат откако ќе завршат со продажбата, оставаат сѐ и си заминуваат дома. Бит-пазар и целиот тој потег се меѓу најпознатите, тоа е локација што доаѓаат да ја посетат сите странци поради разноликоста, меѓутоа се прашувам што ли им нудиме да видат. Ѓубре и разни скапани производи, јаболка и што ли уште не. Дополнително, има продавачи што продаваат кокошки и мали пилиња, па на сите страни има пердуви и измет од нив – вели Владимир Димовски.
На ваквите пазари доста често може да се забележи и продажба на алкохол, домашна ракија и вино, а често и ајвар и друг вид зимница, произведени во домашни услови, без декларации и соодветни заштитни етикети што би го заштитиле купувачот.
Дополнително, како што велат граѓаните, во услови кога врне дожд, најчесто ги оставаат кутиите за продажба на дождот, па тие скапуваат и се распаѓаат на улиците и тротоарите.

ДА СЕ РЕГУЛИРА НАПЛИВОТ НА ДИВИТЕ ПАЗАРЏИИ

Ништо подобра не е ситуацијата и во општината Чаир, каде што пред пазарот, во близината на стадионот, постојано се сместуваат диви продавачи.
И тамошните жители реагираат дека секојдневно сликата е иста и велат дека со години е таква ситуацијата.
– Остатоци од зелка, паднати компири, скапани јаболка се само мал дел од производите на кои секојдневно наидувам кога одам во продавница. Ситуацијата е таква секој ден, ајде да е еднаш, па и да разберам некако, меѓутоа ова е секојдневна ситуација – вели Ристо Стојановски.
Слично е и во општината Аеродром, чии локални власти неодамна спроведоа акција за отстранување на дивите пазарџии и препродавачи во Реонски центар, кои притоа не беа казнети, но им беше наложено веднаш да ги тргнат дивопоставените импровизирани тезги, со опомена да не го повторат тоа во иднина.
– Општината излезе на терен и постапи по пријави на граѓани и околните стопанственици, кои со години испраќале поплаки до Општината. Нашата намера е да ја спречиме и превенираме оваа честа појава, која не само што претставува лоша слика за овој фреквентен дел од Аеродром, го попречува слободното движење на граѓаните и зафаќа дел од паркинзите туку и ја поттикнува и развива сивата економија – информираа општинските власти.
Надлежните од Општината информираа дека ги интензивирале инспекциските контроли на терен и застанале на страната на граѓаните и чесната приватна иницијатива на секој што на легален начин се занимава со ваквите сродни дејности.