Фото: Игор Бансколиев

Редица правни експерти, но и Венецијанската комисија, како врвно тело на Европската Унија, постојано јасно и гласно укажуваат дека Законот за употреба на јазиците е конфузен, без правна логика и неприменлив во практиката. Но и покрај ваквите забелешки, и понатаму од страна на надлежните се турка спроведувањето на овој закон, за што доказ е последната одлука за двојазичност на полициските униформи и амблеми. Токму непочитувањето на препораките на Венецијанската комисија може да биде лоша референција и камен околу вратот на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ

Законот за употреба на јазиците отвора контроверзии при секој обид за негова примена

Уредбата на Владата за имплементација на албанскиот јазик на ознаките на полициските униформи само во општините каде што тој јазик го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, повторно ја отвори општествената дебата од пред четири години кога се носеше Законот за употреба на јазиците. Контроверзноста и уставната дискутабилност на овој закон, кои го следеа уште од фазата кога беше само иницијатива, па предлог-закон, се појавуваат секогаш при имплементација во практика на некој негов сегмент. Законот за употреба на јазиците беше усвоен во март 2018 година, а стапи во сила една година подоцна. Неговата имплементација дојде по третото читање затоа што поранешниот претседател Ѓорге Иванов не го потпиша. И покрај тоа што не е компатибилен и усогласен со Уставот, според кој и понатаму само македонскиот јазик е официјален на целата државна територија на Македонија, „уставната покриеност“ на овој закон се аргументира со амандманите за употреба на „јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“, со тенденција тој да биде легитимиран како втор официјален јазик во државата. Практичната примена на владината уредба донесена преќуноќ, значи дека на албански јазик треба да бидат преведени натписите „Сообраќајна полиција“, „Гранична полиција“ и општиот амблем на полицијата, но во општините каде што 20 отсто од населението го користи албанскиот јазик. И според вицепремиерот Артан Груби, кој веднаш се пофали со уредбата како уште една извојувана победа за албанскиот јазик во Македонија, оваа уредба не може да се примени во елитната единица „Тигри“, „Единица за брзо распоредување“ (ЕБР) и другите централни и републички единици во МВР.

– За жал, поради различни околности, примената на уредбата за полициски униформи беше одложена, но вчера беше одобрена. Убеден сум дека самото нејзино спроведување нема да ја има истата судбина како и уредбата. Во некои единици како „Тигрите“ или други единици, кои имаат надлежности над целата држава како што се Армијата или банкнотите. Народната банка е во Скопје, но банкнотите се користат во секој град, законот не може да важи во општини каде што нема Албанци. Следствено и во овие единици што дејствуваат, како Армијата на целата територија, тоа таму не може да се спроведе – рече Груби. Спроведувањето на двојазичноста на полициските униформи и амблеми треба да почне да се спроведува за една година. Дотогаш мора да се нарачаат нови униформи, да се утврди бројот на полицајците што ќе ги носат и разни други управни процедури.
По објавувањето на уредбата за двојазичноста на полициските униформи, забележано е дека примената на Законот за употреба на јазиците заостанува во судството, обвинителството и другите управни постапки. Токму за примената на овој закон во правосудните и управните постапки, Венецијанската комисија имаше забелешки дека постои опасност да предизвика многу трошоци, забавување на постапките и постигнување на правдата, односно може да влијае за појава на нефункционалност во судските постапки. Откако беше доставено мислењето на Венецијанската комисија, на крајот од 2019 година, од тогашната влада, т.е. од тогашниот министер за евроинтеграции (денес за надворешни работи), Бујар Османи, беше ветено дека забелешките на комисијата ќе бидат имплементирани во законот, но до денес нема информации дали е сторено тоа. Но секое активирање за негова примена и понатаму предизвикува контроверзни реакции во општеството.

– Законот за употреба на јазиците во судските постапки практично е неприменлив. Тоа го кажа и Венецијанската комисија со правнички коректни забелешки дека за негова примена во судските и управните постапки се потребни, пред сѐ, повеќе време, волја и многу пари. А сето тоа може да се одрази негативно со одолжување за добивање на правдата за граѓаните во постапките. И самото носење на владината уредба за двојазичност на полициските униформи, речиси прекуноќ како да се работи за итност од некоја причина, создава негативен набој во општеството, кои ги нагласуваат поделбите. Двојазичното означување на униформите на полицајците во општините каде што 20 отсто од граѓаните говорат јазик различен од македонскиот, на некој начин ја става под прашање единственоста на полицијата како државен орган. Во Македонија имаме единствена полиција, а не етничка полиција, на што имплицираат двојазичните и тријазичните ознаки. Примената на Законот за употреба на јазиците повеќе оди во насока на нагласување на општествените поделби отколку што придонесува за политичко-административна функционалност – вели Борче Давитковски, универзитетски професор по управно право.
Според одредени политички аналитичари, брзањето и итноста за спроведување повеќе сегменти од Законот за употреба на јазиците е поврзано со најавата за објавување на резултатите од државниот попис спроведен минатата година, како превентива со неповратност на состојбите со стекнатите права, во случај да се покаже „незадоволителен резултат“ во однос на законски предвидените права што произлегуваат од 20-отстотната застапеност. Тоа, секако, не придонесува за функционалност и применливост на Законот за употреба на јазиците и неговата контрапродуктивност во намалување на општествените поделби по повеќе линии.

– Законот за употреба на јазиците е од онаа категорија конфузни закони, на кои тешко им се пронаоѓаат правна и уставна логика. А кога се пристапува кон примена и имплементација на такви конфузни закони, државата и општеството се заталкуваат подлабоко во лавиринтот на проблемите и состојбите што би требало да бидат законски регулирани. Така, наместо правна и праведна разврска, добиваме причина и извор за нови општествени поделби и предизвици – вели професорот по уставно право Светомир Шкариќ.