Одбележување 63 години од катастрофалниот скопски земјотрес на 26 јули 1963 година
- Земјотресот од 1963 година ја претвори македонската престолнина во град на урнатини и болка, но истовремено доведе до дотогаш незабележано ниво на меѓународна солидарност. Првите телеграми и фотографии ги алармираа Југославија и светот, личните приказни сведочат за човечката ранливост и надеж, а глобалната поддршка ја претвори трагедијата во можност за нов почеток. Од урнатини и шатори до нови квартови и модерна архитектонска визија, Скопје стана симбол на град што се урна, но повторно се издигна со помош на светот
На 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, Скопје беше потресено од катастрофален земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала. Само дваесет секунди беа доволни да се урне градот, а последователните помали потреси продолжија до 5.43 часот, оставајќи зад себе сцена на разурнување и човечка трагедија. Под урнатините останаа 1.070 животи – 478 мажи, 430 жени и 162 деца – бројки што не се само статистика туку болна меморија за секое семејство и за целото општество. Земјотресот урна 15.800 стана, а дополнително оштети 28.000, претворајќи го Скопје во град на урнатини и бездомништво. Силата на потресот се почувствува на површина од над 50.000 квадратни километри, што ги покажува неговата разорна моќ и географскиот опфат. Епицентарот, според сеизмолозите, се наоѓал кај населбата Злокуќани, што ја врежа оваа точка во колективната меморија како симбол на трагедијата. Овој настан не беше само природна катастрофа туку и историски пресврт за градот. Скопје стана симбол на човечка ранливост, но и на солидарност – бидејќи веднаш по трагедијата започнаа да пристигнуваат помош и поддршка од целиот свет. Земјотресот од 1963 година останува длабоко врежан во македонската историја како момент кога градот беше уништен, но и повторно изграден, со надеж и со меѓународна солидарност.
Телеграмата што ја алармираше Југославија
Во раните утрински часови на 26 јули, Скопје не само што беше потресено од земјотресот туку и од хаосот на првите вести и обиди за комуникација. Во 6.40 часот, капетанот од Прва класа, Петар Јовиќ, уште возбуден и потресен, необлечен се стрчал во својата команда. Благодарение на искуството од претходната поплава, кога исто така прв ја алармираше надлежната команда, тој преку радиоврска го известил дежурниот во Приштина со кратка, но драматична телеграма: „Кај нас е катастрофален земјотрес. Итно испратете санитетски екипи“. Радио Приштина ја емитуваше оваа вест околу 7 часот, речиси два часа по трагедијата.
Сепак, постои и друга верзија, според која, мајорот Миодраг Станкиќ бил првиот што ја испратил веста. Штом се случил потресот, тој се стрчал кон својата единица, но поштата била нефункционална. На првиот телефонски столб успеал да се приклучи на меѓународната линија и да воспостави врска со Приштина.
Веднаш потоа мајорот Валентин Перишиќ и поручникот Владо Николиќ воспоставиле радиоврска, а капетанот Доминик Велиниќ и Трпко Трпковски – телефонска врска со Државниот секретаријат за народна одбрана. Така, низ импровизација и храброст, првите сигнали за катастрофата стигнале надвор од Скопје.
Истовремено, првите фотографии и телевизиски снимки ја документираа трагедијата. Американскиот фоторепортер Сам Ноцела, кој престојувал во хотелот „Турист“, разбуден од потресот, успеал да ја грабне камерата и веќе во 5.20 часот снимил потресни кадри. Тие фотографии подоцна беа објавени во француското списание „Пари-Мач“ и на француската телевизија, носејќи ја сликата за разурнатото Скопје до светската јавност. Во исто време, службениците на Радио-телевизија Скопје, Драги Новаковиќ и Перо Стојановски, низ скршени прозорци извлекле камери и започнале да снимаат низ градот. Веќе напладне, првата пратка снимени материјали беше испратена во Белград, а истата вечер емитувана преку југословенската телевизија. Тие снимки им беа позајмени и на други телевизиски студија низ светот, претворајќи го Скопје во глобален симбол на трагедија, но и на солидарност.
Овој дел од историјата не е само сведоштво за разурнувањето туку и за храброста на поединци, импровизацијата во комуникацијата и моќта на медиумите да ја пренесат трагедијата и да мобилизираат светска поддршка.

Одмор што се претвори во кошмар – сведоштво за Скопје 1963-та
Утрото на 24 јули 1963 година, младиот Јордан Анастасовски ја напуштил семејната куќа во Дебар Маало, полн со возбуда за патувањето што го очекувало. Заедно со својот пријател се качил во легендарното „фичо“ и тргнал кон Цриквеница, Хрватска – летна дестинација што ветувала одмор и безгрижност. Патот бил долг, па на 25 јули двајцата решиле да преноќат во Загреб, за следното утро да продолжат кон морето. На 26 јули пристигнале во Цриквеница. Пред да се сместат, Јордан се упатил кон една куќа за да побара вода. Разговорот со домаќинот, кој веднаш го препознал по говорот, го одвел до телевизорот во дневната соба. Таму, пред неговите очи, се појавиле потресни слики: Скопје е уништено. Веста го погодила како гром од ведро небо. Првата мисла му била за семејството – дали се живи, дали успеале да се спасат. Но контакт не можел да воспостави, останувајќи во неизвесност.
Вознемирен, веднаш се вратил кај својот пријател и му ја пренел страшната новост. Повторно се качиле во „фичото“ и тргнале назад кон Скопје, по истиот пат по кој дошле. Задната шофершајбна на автомобилот била скршена, па по патот луѓето постојано ги запрашувале за состојбата во Скопје, мислејќи дека возилото е оштетено од земјотресот. Патувањето било долго и исцрпувачко, но Јордан конечно пристигнал во својот град. Глетката што го пречекала била морничава – урнатини, прашина, луѓе во паника. Сепак, неговата куќа не била срушена. Со срце што чукаше од страв и надеж, започнал да трага по своето семејство. Судбината му се насмевнала – ги пронашол живи и здрави во Градскиот парк, сместени во шатори заедно со многу други скопјани. Еден месец живееле во тие шатори, функционирајќи како мала заедница во сенка на трагедијата.
Јордан долго се присеќавал на морничавите звуци од гавраните што се собирале на дрвјата околу паркот. Исплашени од постојаните афтершокови, птиците крикале и бегале, оставајќи зад себе звук што станал симбол на стравот и неизвесноста. Таа слика – на луѓе во шатори и птици што го предвестуваат немирот – останала длабоко врежана во неговата меморија.
Од урнатини до модерна метропола
Реконструкцијата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година претставува еден од најголемите примери на меѓународна солидарност во современата историја. Веднаш по трагедијата започнаа да пристигнуваат помош и ресурси од целиот свет – вкупно 78 држави се вклучија со финансиската поддршка, медицински екипи, инженерски тимови, градежни материјали и набавки. За првпат по Втората светска војна, војници од САД и од Советскиот Сојуз се најдоа рамо до рамо, обединети во хуманитарна мисија. Симболичен гест беше и донацијата на познатиот уметник Пабло Пикасо, кој подари слика за новоизградениот Музеј на современата уметност – проект реализиран со поддршка од Владата на Полска и полски архитекти.
Меѓународната поддршка остави трајни белези во градот. Многу улици, објекти и населби добија имиња според државите, градовите или личностите што придонеле за обновата. Поликлиниката донација од Романија го носи името „Букурешт“, улици се наречени Мексико, Варшава, Прага, а патишта и објекти го носат името на Џон Кенеди. Некои именувања беа неформални, но еднакво значајни – како населбата Дексионград, изградена со материјали обезбедени од пронаоѓачот Димитриј Комино и британските кралски инженери. Скопје доби и „Шведски бараки“ и „Руски згради“, сведоштва за глобалната поддршка.
Во октомври 1964 година, Советот на Град Скопје го усвои нацрт-планот изработен од меѓународен тим предводен од полскиот архитект Адолф Циборовски. Врз основа на тој план, Обединетите нации распишаа меѓународен конкурс за централното подрачје на градот. Осум тима учествуваа – четири од Југославија и по еден од Јапонија, Италија, Холандија и САД. Најмногу внимание привлекоа два урбани модела: планот на јапонскиот архитект Кензо Танге и решението на југословенските архитекти Радован Мишевиќ и Федор Венцлер. Комисијата препорача двата тима да работат заедно, создавајќи ја т.н. деветта варијанта – финален урбанистички план за центарот на Скопје. Д.Ст.
































