РАКОМЕТ
Ждрепката за 19. издание на клупското Светско првенство (СП) за ракометари беше влечена во седиштето на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) во Базел, со која беа одредени прелиминарните квалификациски двојки и составот на групната фаза за обновеното натпреварување со 10 екипи, кое се враќа во новиот административен главен град на Египет, од 24 септември до 1 октомври годинава, пишува ИХФ.
Во квалификациските мечеви ќе играат носители против екипа со т.н. вајлд-карта. Ракометниот клуб Лос Анџелес, дебитант, кој ги претставува Северна Америка и Карибите, ќе игра со египетскиот тим Замалек СЦ, кој ќе се обиде да ја искористи предноста на домашен терен за да стигне до групната фаза, што би било осмо учество во историјата на натпреварувањето, пишува ИХФ. Во меѓувреме, рекордерот според учества на клупското СП, Универзитетот Сиднеј, кој се појавува по 13. пат во натпреварувањето, ќе игра со двократниот финалист Веспрем, кој беше шампион во 2024 година и второпласиран во 2025 година. Двете поразени екипи ќе играат двапати за деветто и за 10-то место.
Актуелниот шампион и рекорден шесткратен победник Барселона, кој се појавува 12-ти пат на клупското СП, е на чело на групата А, во која се и Монтада, кој е првиот марокански клуб што учествува во натпреварувањето од дебито на КАЦ Маракеш во 1997 година, и бразилскиот ЕЦ Пињеирос, кој ги претставува Јужна и Централна Америка, а во таа група ќе игра и победникот од натпреварот Лос Анџелес – Замалек. Во групата Б се Ал Ахли, кој игра на домашен терен во трето клупско СП по ред и се бори за повторување на нивниот бронзен медал од пред две изданија, европскиот претставник Фуксе Берлин, кој се враќа во натпреварувањето првпат од 2023 година и е засилен со светскиот ракометар на годината според ИХФ, Матијас Гидсел, и азискиот претставник Бурган СЦ, нов учесник во натпреварувањето по освојувањето на континенталниот квалификациски турнир, пишува ИХФ. Групата ќе биде комплетирана со победникот од прелиминарниот квалификациски натпревар Сиднеј – Веспрем. Н.М.
































