М-р Анита Спасовска, сертифициран тренер по НЛП-методологија
- Во време кога вниманието е насочено кон вештачката интелигенција, дигиталната трансформација и новите технологии, сè погласно се
поставува едно поинакво прашање: дали најголемата конкурентска предност и понатаму останува човековиот начин на размислување?
Повеќе од две децении, м-р Анита Спасовска практично работи токму на она што најсилно влијае врз резултатите на луѓето и организациите – начинот на кој размислуваат, комуницираат и носат одлуки
По повеќе од две децении практично искуство во менаџментот, лидерството и организацискиот развој, м-р Анита Спасовска денес работи со компании, лидери и поединци, помагајќи им да изградат поефикасна комуникација, посилно лидерство и одржливи резултати. Луѓето ретко свесно избираат да ги повторуваат истите резултати. Сепак, многумина со години ги повторуваат истите модели на размислување, комуникација и одлучување, а токму тие модели ги создаваат резултатите што сакаат да ги променат. Истото тоа важи и за организациите – инвестираат во стратегии, технологии и процеси, но честопати продолжуваат да се соочуваат со истите предизвици.
Во време кога вниманието е насочено кон вештачката интелигенција, дигиталната трансформација и новите технологии, сè погласно се поставува едно поинакво прашање: дали најголемата конкурентска предност и понатаму останува човековиот начин на размислување? Повеќе од две децении, м-р Анита Спасовска практично работи токму на она што најсилно влијае врз резултатите на луѓето и организациите – начинот на кој размислуваат, комуницираат и носат одлуки.
Долгогодишното менаџерско искуство, националните и меѓународните признанија, како и работата со компании, лидери и поединци, ја обликуваат нејзината перспектива дека вистинската промена не започнува со нова алатка или стратегија, туку со промена на начинот на размислување. Таа е првиот колега член што е обучувач (Fellow Member Trainer – FMT) на Интернационалната асоцијација на НЛП-институти (ИАНЛП од Швајцарија) во Македонија, основач на „ВАЈЗ консалтинг“ и „ВАЈЗ институт“ и автор на „ВАЈЗЕР“ – авторски модел за поставување и реализација на цели.
Во разговорот што следува, со неа зборуваме за тоа зошто знаењето само по себе не е доволно, како нашите верувања ги обликуваат одлуките, зошто толку многу луѓе не ги реализираат своите цели и што навистина ги разликува успешните лидери и организации во време на постојани промени.
Светот никогаш не се менувал побрзо отколку денес. Од Ваша перспектива, што ќе ги разликува успешните поединци и организации во следните десет години?
– Верувам дека иднината нема да им припаѓа на оние што знаат најмногу, туку на оние што најбрзо учат, се адаптираат и имаат храброст постојано да се преиспитуваат. Денес знаењето има многу пократок рок на траење отколку пред десет или дваесет години. Она што вчера било доволно за успех, денес е само почетна точка. Најголемата конкурентска предност повеќе не е технологијата. Таа е достапна за сите. Најголемата конкурентска предност стануваат луѓето, нивната способност да размислуваат критички, да комуницираат, да градат доверба, да учат и да се менуваат. Затоа верувам дека образованието повеќе не е период од животот. Тоа е начин на живот. Лидерот што престанува да учи, престанува да расте.
Често велите дека не живееме според реалноста, туку според нашите верувања. Колку тие навистина влијаат врз нашите одлуки и резултати?
– Повеќето луѓе мислат дека одлуките ги носат рационално. Но нашите верувања се филтер низ кој ја гледаме реалноста. Тие влијаат што ќе забележиме, како ќе ја протолкуваме ситуацијата и каква одлука ќе донесеме. Ако верувам дека не сум доволно способен, секој предизвик ќе ми изгледа како закана. Ако верувам дека можам да учам и да се развивам, истиот предизвик ќе стане можност. Често ја користам метафората со дрвото. Плодовите се нашите резултати – кариерата, односите, самодовербата, финансиската состојба. Но плодовите не растат сами. Тие се последица на корените, а корените се нашите верувања. Луѓето сакаат нови плодови, а продолжуваат да ги полеваат истите корени. Додека не ги промениме корените, ќе продолжиме да ги добиваме истите резултати.
Денес сите зборуваат за цели. Зошто толку многу луѓе поставуваат цели, а сепак малкумина навистина ги реализираат?
– Затоа што поставувањето цел е лесно. Колку што сум запознаена, ние во формалното образование немаме можност да научиме како правилно се поставуваат цели. Она што најчесто го препознавам кај луѓето е што не разликуваат цел, од желба и задача. Кога овие три работи ќе се измешаат, разочарувањето е речиси неизбежно. Но со текот на годините сфатив дека постои уште еден многу подлабок проблем. Потребно е да станеме личност што може да ја реализира таа цел. Токму тоа беше и мојата лична лекција. Додека работев како генерален менаџер, во еден момент сфатив дека знаењето и искуството што ме довеле до таа позиција, нема автоматски да ме однесат таму каде што сакав да бидам понатаму. Ако сакав подобри резултати, подобра комуникација, посилно лидерство и поуспешно да ги развивам луѓето околу себе, најпрво јас требаше да продолжам да се развивам.
Тогаш започнав да барам знаење што нема да остане само теорија туку ќе можам веднаш да го применам во секојдневната работа. Во таа потрага го открив НЛП. Не барав уште една диплома. Не барав уште еден сертификат. Барав систем што ќе ми помогне да бидам подобар лидер и подобра верзија од себе. И токму тоа го добив. Она што најпрво го применив врз себе, моето семејство, го применив во работата со моите тимови, а денес го применувам во консултантските проекти, професионалната обука (коучинг) и развојот на лидери и организации.
За оние што првпат се среќаваат со овој поим, невролингвистичко програмирање (НЛП) е практична методологија што ни помага да разбереме како размислуваме, како создаваме значење на она што ни се случува, како комуницираме и како тие модели влијаат врз нашите одлуки, однесување и резултати. Она што особено ме привлече беше неговата практична примена – не само да разбереме зошто се однесуваме на одреден начин туку и како свесно да изградиме поефикасни модели на размислување и дејствување.
Од тоа искуство, од практичната работа со стотици луѓе и од постојаното учење, постепено се роди и мојот авторски модел „ВАЈЗЕР“ за поставување и реализација на цели.
Тој е создаден од реални ситуации, а не од теоретски претпоставки и денес е интегриран во нашата меѓународно сертифицирана програма „НЛП практишнер“.
И денес, по повеќе од дваесет години професионално искуство, сè уште активно се едуцирам, посетувам меѓународни обуки и учам од светски експерти. Бидејќи искрено верувам дека во свет што постојано се менува, најголем ризик не е тоа што не знаеме доволно. Најголем ризик е да мислиме дека веќе немаме што да научиме.
Денес работите и со компании и со поединци. Дали нивните предизвици се различни?
– На прв поглед – да. Компаниите зборуваат за продуктивност, лидерство и резултати. Поединците зборуваат за самодоверба, комуникација, стрес или лични цели. Но кога ќе навлезете подлабоко, ќе откриете дека причините се речиси исти. Недоверба. Страв од промени. Лоша комуникација. Ограничувачки верувања. Непоставени граници. Токму затоа преку „ВАЈЗ консалтинг“ работиме на организациски развој, лидерство и интерни програми за компании. А преку „ВАЈЗ институт“ работиме со поединци што сакаат свесно да инвестираат во својот личен и професионален развој. Без разлика дали работам со генерален директор или со човек што сака да работи на себе, суштината е иста. Кога ќе се промени начинот на размислување, почнуваат да се менуваат и одлуките, однесувањето и резултатите.
Што ја прави Вашата програма „НЛП практишнер“ различна?
– Не сакав да создадам уште една обука. Сакав да создадам систем. Систем што поврзува повеќе од дваесет години менаџерско искуство, консултантска работа, лидерство, НЛП и авторскиот модел „ВАЈЗЕР“. Програмата е меѓународно сертифицирана според стандардите на ИАНЛП од Швајцарија и е силно насочена кон практична примена. Во неа нема само теорија. Има многу практична работа, реални ситуации и алатки што учесниците веднаш можат да ги применат во својот живот и работа. Таа е наменета за поединци што сакаат да инвестираат во себе, но и за компании што препознаваат дека развојот на луѓето е најисплатливата долгорочна инвестиција.
Ако треба да дадете една порака што сакате читателите да ја запомнат, која би била?
– Би сакала секој читател да си постави едно едноставно прашање: Ако последните пет години ги добивам истите резултати, дали навистина ми треба повеќе труд… или ми треба поинаков начин на размислување? Не можеме секогаш да ги промениме околностите. Но секогаш можеме да го промениме начинот на кој размислуваме за нив. Кога ќе се променат нашите верувања, почнуваме да носиме поинакви одлуки. Кога ќе се променат одлуките, се менуваат резултатите. А кога ќе се променат резултатите, се менува и животот. Затоа мојата порака е едноставна: Никогаш не престанувајте да учите, да се развивате и да инвестирате во себе. Најдобрата инвестиција што човек може да ја направи е инвестицијата во сопствениот развој. Таа е единствената што никој не може да ви ја одземе. Н.М.
































