Илустрација / Фото: Пиксабеј

Шефот на шпанската дипломатија, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европската Унија мора да изгради сопствена војска за да ги одврати противниците, како Русија, од искористување на сомнежите околу тоа дали САД би ѝ помогнале на Европа во случај на криза.

Во интервју за бриселски Политико, Албарес рече дека ЕУ не може „секое утро да се буди прашувајќи што ќе биде следниот чекор на САД“.

-Нашите граѓани заслужуваат подобро – изјави шпанскиот министер во интервјуто дадено во Мадрид, во пресрет на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Албарес ја оцени иранската криза како пресвртна точка за европската стратешка автономија.

-Ова е момент на европски суверенитет и независност. Американците нè повикуваат на тоа – рече министерот.

Според него, Европската Унија мора да се ослободи од зависноста и од притисоците, без разлика дали станува збор за царини, воени закани или последици од одлуките на други држави.

Мадрид претходно им забрани на американските воени авиони користење на шпанските воени бази за операциите поврзани со војната во Иран, по што САД се заканија на Шпанија со трговско ембарго, повлекување на трупите, па дури и со суспензија од НАТО.

-Ни треба заеднички европски одбранбен механизам – изјави Албарес за Политико, додавајќи дека тоа не треба да се толкува како поткопување на НАТО.

Тој истакна дека САД постојано ја зајакнуваат својата армија и дека никој не смета оти тоа ја ослабува Алијансата, туку дека и Европа мора да направи повеќе ако НАТО повеќе не ја обезбедува истата сигурност како порано.

-Магијата на НАТО е што сте членка на НАТО и ништо не се случува, затоа што никој не се осмелува да провери дали Членот 5 навистина функционира – рече Албарес.
-Тоа е она што треба повторно да го создадеме – одвраќање, затоа што ќе стоиме заедно – додаде тој.

Албарес нагласи и дека Европа и понатаму верува во трансатлантските односи и дека САД се историски природен сојузник на Европејците. Сепак, според него, Европа мора да прифати дека администрацијата на Доналд Трамп има нова визија за трансатлантските односи.

Политико оценува дека изјавите на Албарес ја одразуваат пошироката промена на тонот во ЕУ, бидејќи дури и најпроамерикански ориентираните земји се соочуваат со фактот дека Вашингтон повеќе не е предвидлив сојузник, особено по војната во Иран.