Комуналците ги менуваат оштетените контејнери, но несовесните граѓани не водат многу грижа за тоа, па многу бргу ги оштетуваат или ги уништуваат \ Фото: Архива на „Нова Македонија“

По трагата на пријавите на наши граѓани дека во населбите во северниот дел од градот сѐ повеќе има контејнери за смет во пламен, направивме екипа што ќе ги
констатира причините зошто контејнерите за смет вивнуваат во пламен и се уништува едно јавно добро. Дилемите дека станува збор за некаков хемиски процес на
самозапалување беа во целост отфрлени. Нашата екипа беше очевидец на фрлање отпад од ќумбе, вклучувајќи и недоизгасната пепел и жар што сѐ уште чадеше,
директно во контејнерите лоцирани кај старото кино во Бутел 2. ЈП „Комунална хигиена“-Скопје со години се соочува со проблемот со опожарување на садовите за комунален отпад (контејнерите за ѓубре), што резултира со значителни финансиски загуби за претпријатието…

ИСТРАЖУВАЊЕ НА НОВИНАРСКИ ТИМ ОД „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА СÈ ПОЧЕСТОТО ОПОЖАРУВАЊЕ НА САДОВИТЕ (КОНТЕЈНЕРИТЕ) ЗА ЃУБРЕ

Зимските месеци се карактеристични по загревањето на домовите со помош на дрва, а тоа не е проблем само за загадувањето на воздухот туку и за немилосрдното уништување на контејнерите за ѓубре во кои се собира колективниот смет од граѓаните, поточно со уништувањето на контејнерите со нивно палење од несовесното фрлање жарчиња од чистењето на домашните ќумбиња. Ова е особено честа појава во изминативе години, бидејќи сѐ почесто се евидентираат запалени контејнери како последица на фрлањето недоизгасната пепел и жар во нив.

СЕКОЈА ГОДИНА ИСТИ ПРОБЛЕМИ

Чаирчани и бутелчани се чини дека доста често имаат таква мака, бидејќи секоја година се случува опожарување контејнер како последица на фрлени остатоци од ќумбињата на дрва.
„Нова Македонија“, водејќи се од граѓанскиот интерес, секогаш е меѓу граѓаните и со нив, постојано работејќи на теми и проблеми што се од особено значење за сите. Токму водејќи се од таквите начела, екипата на весникот честопати сведочела на случувања со кои целосно се совпаѓаат сознанијата до кои дошла претходно или, пак, станувало збор за комуникација со граѓаните, што резултирало со укажување на некоја актуелна, горлива тема.
Овој пат, освен што до нашата редакција пристигнаа неколку пријави од граѓани за опожарени контејнери, нашата екипа сведочеше на фрлање отпад од ќумбе директно во контејнерите лоцирани кај старото кино во Бутел 2.
Кога застанавме да ги запрашаме луѓето што го фрлаат жарот, дрско ни беше одговорено дека тоа не е наша работа и дека нема потреба да се мешаме.
Пред наши очи, возрасен маж со своето дете ја фрлаше пепелта од фиоката на ќумбето, која беше полна со жар.
Само по неколку секунди се вивна пламен, а човекот, најверојатно исплашен дека ќе го пријавиме, фрлајќи земја, успеа да го изгасне пожарот, за да не се случи поголема хаварија.
Што се однесува на реакциите на чаирчани на нашата електронска пошта, тие се безмалку секоја година исти.
Во Чаирче, позната населба во оваа општина, граѓаните постојано мака мачат со вакви несовесни соседи, кои воопшто не водат грижа за заедницата, туку само го гледаат својот личен интерес.
– Додека моите деца си играа на лулашките лоцирани помеѓу зградите, веднаш зад Црвениот крст кај општинската зграда, излезе релативно млада жена, со пепелта од печката на дрва, која сѐ уште чадеше и се гледаше дека има жар. Без нималку грижа на совеста ја истресе пепелта во контејнерот и си замина дома. Во рок од само неколку минути почна да излегува чад од контејнерот, но и неподнослива миризба на изгорена пластика и други отпадоци – вели Данче Велковска, жителка на Чаир.
Тамошните жители велат дека постојано се справуваат со такви проблеми, а доста често морале и сами да излегуваат и да ги гаснат настанатите пожари.
– Во неколку наврати зимава моравме со црево да реагираме ние граѓаните, бидејќи речиси секојдневно ни се случуваше тоа. Брзавме за да не се направи поголем пожар, да не се запали целиот контејнер, па да се случи поголем пожар – вели Ивица Андреевски.

НАДЛЕЖНИТЕ ПОСТОЈАНО АПЕЛИРААТ

Опожарувањето на контејнерите е редовен проблем за надлежните. Само минатата година екипите на пожарната и на ЈП „Комунана хигиена“ реагираа во неколку наврати на опожарени контејнери. Само на Бит-пазар минатата година непознати сторители опожарија три сада за отпад лоцирани на булеварот Крсте Мисирков. Тие беа целосно уништени и неупотребливи.
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје постојано информираат дека ова е чест проблем за нив.
– ЈП „Комунална хигиена“-Скопје со години се соочува со проблемот со опожарување на садовите за комунален отпад, што резултира со значителни финансиски загуби за претпријатието – информираа од претпријатието.
Оттаму исто така во неколку наврати нагласија дека опожарувањата на контејнерите се случуваат и како резултат на неправилно фрлање недоизгасната жар од печките на дрва што се употребуваат во домаќинствата или од скарите од угостителските објекти.
– ЈП „Комунална хигиена“-Скопје апелира до граѓаните внимателно да ракуваат со поставените садови за комунален отпад и во нив да не фрлаат материи што можат да доведат до нивно опожарување или оштетување – апелираа низ годините од претпријатието.

[email protected]