Како засебна, но и како општина доста атрактивна за сите жители на Скопје, во Општина Аеродром паркинг-просторот е горлив проблем и за нејзините жители. Токму затоа надлежните одлучија да преземат мерки со кои ќе се стави ред во паркирањето во границите на Аеродром
ОПШТИНА АЕРОДРОМ ВЛЕГУВА ВО КОСТЕЦ СО РЕШАВАЊЕТО НА ПАРКИНГ-ПРЕДИЗВИЦИТЕ
Паркирањето е сериозен проблем во сите метрополи во светот, па така и за скопјани голем предизвик е паркирањето на нивните возила. Мал е бројот на населбите каде што има слободни паркинг-места, а во урбаните населби недостига паркинг-простор. Чаир, Центар, Карпош се само мал дел од општините во чии граници има населени места каде што се бара паркинг плус. Голем и сериозен е проблемот за семејствата со повеќе автомобили, особено во поголемите и пофреквентни населени места како што е општината Аеродром. Како засебна, но и како општина доста атрактивна за сите жители на Скопје, паркинг-просторот е горлив проблем и за нејзините жители. Токму затоа надлежните одлучија да преземат мерки со кои ќе се стави ред во паркирањето во границите на Аеродром.
АНКЕТИ ЗА ЖИТЕЛИТЕ
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, заедно со надлежните од „Градски паркинг“, Бојан Христовски, неодамна разговараше за можностите да се воведе зонско паркирање во општината.
– Во наредниот период како Општина Аеродром планираме да преземеме конкретни чекори и спроведување анкета преку урбаните заедници, односно куќните совети/управителите на станбените објекти што не се опфатени со зонското паркирање. Доколку граѓаните се изјаснат дека сакаат зонско паркирање, тогаш ќе воведеме на повеќе места, како Стар Аеродром и Ново Лисиче – информира Муцунски на својот фејсбук-профил.
Како што истакна тој, со цел да се обезбедат поголем број места за паркирање, во општината ќе се имплементира и косо паркирање.
Од Општината информираат дека најголем проблем со паркинг имаат жителите на Ново Лисиче, делови од Стар Аеродром, Мичурин и Острово.
– Во наредниот период ќе се направат дополнителни анализи околу тоа дали и како ќе се имплементира зонското паркирање, колку би чинело, колку возила ќе може едно семејство да паркира, кои делови ќе бидат опфатени и други важни сегменти од овој дел.
Токму поради последното прашање, екипи на Општината ќе излезат на терен и ќе ги анкетираат граѓаните. Резултатите ќе бидат јавно достапни и, според истите тие, ќе се водиме во носењето на нашите одлуки околу планот за воведување зонско паркирање – информираа општинските власти.
ПОЗДРАВ ЗА ЗОНСКО
Жителите на општината велат дека мора да се стави крај на хаосот. Велат дека нивната општина е доста атрактивна за сите жители на Скопје, па токму оттука и потекнува проблемот со паркирањето.
– Кејот на Вардар, многубројните паркови за деца, детски игралишта, трговски центри ја прават нашата општина една од најатрактивните општини за рекреација и прошетки. Токму во тоа е и нашиот проблем. Ние како жители на општината не можеме да паркираме, како последица на многубројните возила, чии сопственици се дојдени тука за рекреација и прошетка. Јас лично доаѓам од работа околу 18-19 часот и не можам да најдам паркинг-простор пред мојата зграда. Живеам во зграда зад „Три бисери“, во непосредна близина на кејот на Вардар и тука секогаш е преполно со возила. Некој шета на кејот, некој е во еден од локалните ресторани и кафулиња…, мора да се стави крај на хаосот – вели Слаѓана Драганова.
Според локалните жители, најдобро е да се воведе зонско паркирање, меѓутоа да се земат предвид резидентите и нивните потреби.
– Не би сакала паркирањето да биде регулирано со доплаќање за нас резидентите или гости ако треба да ми дојдат да морам да ги најавувам или, пак, да барам дозвола за два часа. Мојот паркинг-простор што ќе го добијам, сакам да ми биде на располагање цело време, бидејќи сум жител на Аеродром откога знам за себе. Дедо ми живееше тука, моите родители и јас и токму затоа сметам дека мора да се стави ред во хаосот со обѕир кон нас резидентите – вели Никола Стојановски.