До нашата редакција пристигнаа повеќе реакции од жители на Општина Чаир, кои реагираат на нивните соседи што се греат на дрва и кои остатоците од жарта ги фрлаат директно во контејнерите, без притоа воопшто да размислат дека и најмалото жарче може да предизвика штета од невидени размери
Од истурање жар од печките на дрва горат скопските контејнери
Редовен проблем на скопјани е константното уништување на контејнерите, кои, одредени поединци упорно продолжуваат да ги кршат, но и да ги опожаруваат. Најголема трагедија во целата таа ситуација е фактот што за дел од опожарувањето не се виновни ниту пиромани, ниту вандали, туку луѓе за кои никој никогаш не би помислил дека можат да бидат причина за запален контејнер. Според стручните служби, тоа се луѓе што се крајно неодговорни, неуки, неедуцирани, луѓе што немаат чувство за однос кон јавниот имот, луѓе што своите проблемски ситуации не знаат сами да ги решаваат, па ги префрлаат на другите, правејќи неконтролирана и повеќекратна штета за сите.
РЕАКЦИИ НА СКОПЈАНИ
„Нова Македонија“, како еден од весниците што секогаш се предводи од граѓанскиот интерес, речиси постојано работи на теми за кои добила реакции од жителите на главниот град.
Овој пат, до нашата редакција пристигнаа реакции од жители на Општина Чаир, кои реагираат на нивните соседи што се греат на дрва и кои остатоците од жарта ги фрлаат директно во контејнерите, без притоа воопшто да размислат дека и најмалото жарче, посебно во делот на „Чаирче“, каде што има голем број паркови и дрвја, може да предизвика пожар од невидени размери.
– Додека моите деца си играа на лулашките лоцирани помеѓу зградите, веднаш зад Црвениот крст кај општинската зграда излезе релативно млада жена, со пепелта од печката на дрва, која сѐ уште чадеше и се гледаше дека има жар. Без ни малку грижа на совест си го истресе „пепелникот“ од печката на дрва во речиси полниот контејнер и си замина дома. Во рок од неколку минути, почна чад да излегува од контејнерот, но и неподнослива миризба на изгорена пластика и други отпадоци – вели Данче Велковска.
Тамошните жители велат дека со вакви проблеми постојано се справуваат, а доста често морале и самите да излегуваат и да ги гаснат настанатите пожари.
– Во неколку наврати зимава моравме со црево да реагираме ние граѓаните, бидејќи речиси секојдневно ни се случуваше тоа. Брзавме за да не се направи поголем пожар, да не се запали целиот контејнер, па да се случи поголем пожар – вели Игор Стојковски.
И ВАКВИТЕ ПОЈАВИ СТАНАА РЕДОВЕН ПРОБЛЕМ ЗА НАДЛЕЖНИТЕ
Опожарувањето на контејнерите е редовен проблем за надлежните. Неодамна, на Бит-пазар, непознати сторители опожарија три сада за отпад лоцирани на булеварот Крсте Мисирков. Тие беа целосно уништени и неупотребливи.
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје информираат дека ова е чест проблем за нив.
– ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје со години се соочува со проблемот со опожарување на садовите за комунален отпад, што резултира со значителни финансиски загуби за претпријатието. Од почетокот на годинава регистриравме зачестена појава на опожарување на садовите, така што досега се опожарени вкупно девет пластични контејнери поставени на јавни површини – велат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека неодамна опожарените контејнери на Бит-пазар биле со зафатнина од 3,2 кубни метри и сите биле целосно уништени и неупотребливи.
– Опожарувањата на контејнерите се случуваат и како резултат на неправилно фрлање недоизгасната жар од печките на дрва што се употребуваат во домаќинствата или од скарите од угостителските објекти. ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје апелира до граѓаните внимателно да ракуваат со поставените садови за комунален отпад и во нив да не фрлаат
материи што можат да доведат до нивно опожарување или оштетување – велат од комуналното претпријатие.