Советот на Општина Центар на денешната седница го усвои новиот Детален урбанистички план за Градска четврт Ј 21 – локалитет Геолошки завод и локалитет Клинички блок, кој предвидува повеќе зеленило, проширување на пристапните и внатрешните улици со тротоари, детска градинка и 600 нови паркинг места за посетителите на Клинички центар.
Од Општина Центар соопштуваат дека во рамки на усвоениот ДУП планиран е и нов локален парк на површина од 1013 метри квадратни, а дел од локациите кои се во државна сопственост се искористени за заштитно зеленило и мали паркчиња. Вкупната површина под заштитно зеленило во рамки на опфатот изнесува 1554 метри квадратни, а под паркови 3950 метри квадратни.
– Ги потсетувам советниците дека овој ДУП се носи девет години. Голем број граѓани, вклучувајќи ги и министерствата веќе долго време чекаа да се донесе истиот. Вложено е многу енергија од нашиот Сектор за урбанизам. Верувам дека направивме убав простор што ќе биде од големо значење за граѓаните, кои толку години чекаа да се донесе овој ДУП – истакна градоначалникот Герасимовски по презентирањето на деталниот урбанистички план пред советниците.
Планот е усогласен со ГУП на Град Скопје 2012-2022, како и со ажурирани катастарски подлоги, со што се олеснува понатамошното спроведување на планската документација.