Фото: Крешник Бектеши/инстаграм

По укажување на експертската јавност од областа на енергетиката и дел од медиумите за штетност на договори, од Министерството за економија, кое е официјално предлагач на четирите закони за стратешки инвестиции, најавуваат дека ќе бараат повторно да се разгледа еден од нив, но без да го наведат. Сметаат дека треба повторно да се преговара со инвеститорот, а не исклучуваат и дека ќе бараат да се повлече од собраниска процедура и повторно да се врати на доработка во Влада. Од ресорното министерство сметаат дека е спорно лиценцирани, рентабилни и профитабилни инвеститори да добиваат државна помош во повеќе варијанти.

-Имаме четири стратешки инвестиции кои се пратени од страна на Владата во Собранието. За една од нив мислиме дека треба да се репреговара со потенцијалниот стратешки инвеститор за одредени работи имајќи ги во предвид и мислењата од надлежните институции како што се Државниот правобранител, Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерствата за финансии, за транспорт и врски, за земјоделство, за животна средина, ЕСМ, МЕПСО и други институции кои треба дополнително да го дадат своето мислење. Не би сакал да ја наведам компанијата заради тоа што мислам дека не било фер од моја страна да наведам одредена компанија од прес-конференција – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

За една од нив, додаде, ќе се бара дополнително објаснување.

-Согласно Стратегијата за развој на енергетиката и законските прописи кои произлегуваат од Законот за енергетика, а и веќе сме во подготовка на нов закон за обновливи извори на енергија, имаме уредби и правилници кои утврдуваат начини за поддршка за поттикнување на инвестиции во делот на енергетиката на обновливи извори за енергија. Што значи ова? Претходно имавме механизми и мерки во вид на фидинг тарифи со цена која беше утврдена за одреден период, а сега ги сменивме со што дополнително дадовме можност за нашата државна компанија во овој случај ЕСМ да може да склучи и договори за откуп на електрична енергија согласно критериумите кои се во интерес на ЕСМ и согласно динамиката на производство на електрична енергија од страна на ЕСМ. И тоа за мене не е спорно, бидејќи тоа е во рамки на преговорите кои генерално ги прави ЕСМ за нивните потреби, кои го снабдуваат универзалниот снабдувач, а воедно и малите потрошувачи. За мене спорно би било и тоа што го слушаме и од експертите и од анализите кои ги правиме за лиценцирани рентабилни, профитабилни инвестиции да се дава директна државна помош од страна на Владата – потенцира Бектеши.

Мисли, додаде, дека таквите инвестиции кои веќе имаат еден вид на државна помош – било тоа фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија веќе ја користат државната помош од страна на Владата и би било спорно да им се даде дупла државна помош.

-Од тоа што го добиваме во делот на анализите не знам дали има ваков пример не само во регионот и во другите држави за една иста инвестиција да имаме два или три вида на помош. За една помош – да, тоа го прават сите држави во светот, но да имаме два или три вида помош за една инвестиција мислам дека би било спорно. Затоа многу внимателно треба да се гледаат тие предлози и тие барања од страна на стратешките инвеститори – порача Бектеши.

Појасни дека Министерството за економија не го дала предлогот за стратешки инвестиции, туку го извршило само формалниот дел за да се стават на владина седница.

-Затоа, во понеделник или вторник како Министерство за економија ќе бараме дополнително објаснување од тимот кој бил вклучен во преговорите и тоа што е прифатено од страна на Комисијата која е формирана од Владата за една од инвестициите која е веќе во собраниска процедура. Ако е потребно подготвени сме како Министерство за економија и формално правно да бараме враќање на одредени решенија во владина процедура за да се преговараат од почетокот – рече Бектеши.

Од министерството не откриваат за кој инвеститор станува збор, но со оглед на тоа што споменуваат дека еден стратешки инвеститор ќе добие повеќе видови државна помош, се отвара прашањето дали станува збор за Митилинеос – стратешкиот инвеститор за кој имаше најмногу реакции во јавноста.

Според предлог-законот државата на Митилинеос ќе ѝ даде и 50 милиони евра како директна финансиска поддршка, без да добие удел во централата. Ова ја крена на нозе и стручната фела. Дел од експертите неколку пати повторија дека инвеститорот ќе се збогати на сметка на штетата која ќе ја прерпи државата.

На дневниот ред на 140. седница на Собранието се ставени Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, по скратена постапка и Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево, по скратена постапка.
Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) пред почетокот на седницата достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.