Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема поголем проблем во сообраќајот од оној кога не работат семафорите на една крстосница. Неработењето предизвикува сообраќаен хаос, нервоза кај возачите, невиден метеж, свирежи од нервозните возачи… Кога семафорите не функционираат, ситуацијата потсетува на темпирана „сообраќајна бомба“, која само што не детонирала, без разлика дали е тоа експлозија на „сообраќајни емоции“ од учесниците во сообраќајот или е тоа трескот од предизвиканата материјална штета од сообраќајната незгода

СВЕТЛОСНАТА СИГНАЛИЗАЦИЈА Е КРУЦИЈАЛНА ЗА БЕЗБЕДЕН СООБРАЌАЈ

Светлосната сигнализација е еден од најважните делови од сообраќајот во една метропола како што е Скопје. Семафорската сигнализација наедно е и една од сигнализациите што претрпуваат најголеми штети од временските непогоди, сообраќајни несреќи, но и поради природниот процес на „замор на материјалот“ или од амортизација. Токму од тие причини, јавното претпријатие „Улици и патишта“ почна со отстранување на дефектите на семафорите на крстосниците низ градот.

БЕЗ СЕМАФОР ВО СООБРАЌАЈОТ ИСТО КАКО СО ВРЗАНИ ОЧИ

Нема поголем проблем во сообраќајот од оној кога не работат семафорите на една крстосница. Неработењето предизвикува сообраќаен хаос, нервоза кај возачите, невиден метеж, свирежи од нервозните возачи… Кога семафорите не функционираат, ситуацијата потсетува на темпирана бомба.
Сите возачи во исто време сметаат дека имаат предност, па меѓусебно се блокираат, па и оние што немаат предност гледаат на секој можен начин да се „протнат“ помеѓу колоните возила. Сите се водат по принципот каде еден таму и јас, па со возила насобрани од сите страни, практично е невозможно да се воведе каков било ред.
За граѓаните што со возила циркулираат низ градските сообраќајници нема ништо полошо од тоа кога некој од семафорите не работи.
– Замислете ситуација во која не работат семафорите на крстосницата кај „Мавровка“. Возила како река се пуштаат од сите страни, од „Гоце Делчев“, од МТВ, од кај судовите, од Бит-пазар… тука во тој момент не владее ниту едно сообраќајно правило. Се функционира по принципот „јас да се бутнам, па за другите ми е гајле.“ Тоа е стампедо од возила, се гребат едни со други, пцујат, свират, вршат тензии и притисок… постресна ситуација од таа едноставно нема. Во ниту еден градски метеж нема толку нервози како кога не функционираат некои семафори, особено во централниот дел од градот – вели Синиша Малиновски.

ГОЛЕМ БРОЈ ПРИЧИНИ ЗА ДЕФЕКТИ НА СЕМАФОРИТЕ, НО САМО ЕДНА
И НАЈВРЕДНА ДЕКА ТРЕБА ИТНО ДА СЕ ПОПРАВААТ

И семафорите како и секој друг апарат имаат периодична потреба од сервис или замена. Голем е бројот на семафори што страдаат како последица на силните ветрови, некои избледуваат од силното сонце, трети „страдаат“ поради сообраќајни несреќи. Многубројни се причините поради кои семафорите престануваат да функционираат.
Токму затоа, неодамна, јавното претпријатие „Улици и патишта“ започна со интензивно отстранување на дефектите и оштетувањата на семафорите на градските крстосници.
– Изминатава недела имаше интервенции на крстосниците со семафори, како булеварот Метрополит Теодосиј Гологанов со улицата Московска и на булеварот АСНОМ со булеварот АВНОЈ 1 и АВНОЈ 2 каде што имаше оштетени лантерни на порталните семафорски столбови и истите тие се заменети. Исто така на крстосницата на улицата Христијан Тодоровски-Карпош со улица Натаниел Кучевишки беше монтирана нова лантерна. Замена на стар семафорски уред со нов имаше на крстосницата на булеварот Трета македонска бригада со улицата Фрањо Круз – информираат од претпријатието.
Оттаму велат дека сообраќајките исто така се причина за оштетување на семафорите.
– На крстосницата на булеварот Гоце Делчев кај МРТВ поради сообраќајка имаше оштетен семафорски столб, кој сега е заменет со нов, а монтирани се и нови возачки и пешачки лантерни. Неделава беше исправена и висечката лантерна на порталните столбови на семафорите на крстосницата на булеварот Босна и Херцеговина со улицата Ќемал Сејфула – информираат од „Улици и патишта“.
Оттаму информираат дека дефектите се случуваат од различни причини, од временските услови, несовесни возачи и сообраќајни незгоди, поради дотраеност на опремата, поради исклучување на струјата итн.
– Екипите продолжуваат и понатаму со редовната обиколка и контрола секојдневно да ги извршуваат своите работни активности во одржување на светлосната сигнализација на градските крстосници – потенцираат надлежните.

[email protected]