Фото: МИА

Второ издание на „Светлината на Гонџе“

Мајка Тереза не беше само хумана личност, како што погрешно се перцепира во дел од јавното мислење, туку таа пред сè беше патент на еден посебен систем на однесување и пристап кон острите духовни прашања со кои никој друг не се справуваше и не знаеше подобро од неа. Ова денеска го нагласи Скендер Асани, директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, на второто издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“, која се совпаѓа со 112-годишнината од раѓањето и 25-годишнината од смртта на Мајка Тереза.

– Годинава, кога го организираме второто издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“, успеавме да активираме широк спектар на интелектуални и институционални ресурси во и надвор од нашата земја, затоа што сметаме дека не е доволно да имате во ваши раце голема хуманитарна и цивилизациска кауза како што е Мајка Тереза, туку ви треба и конкретна стратегија за трансформирање на оваа кауза по поширока диоптрија – рече Асани.

Да се занимаваш со животот и делото на Мајка Тереза, посочи тој, не е едноставна рутинска работа, туку конфронтација со непознатите кои се појавуваат при навлегувањето во нејзиниот комплексен и повеќедимензионален свет.

– Како Институт, настојувавме да ја третираме оваа фигура на едно микроскопско ниво, извлекувајќи ги од нејзиното духовно и човечко богатство најскапоцените бисери, со кои таа се украсила себе си, а повеќе и другите. Пред се, таа го разубави поимот човек во темнината на безграничната алчност – порача Асани.

Оваа година, рече, Институтот започна да го издава и првото литературно списание со научен и културен карактер „Светлината на Гонџе“, кое, како што кажа, освен што е отворен форум за дискурзивна мисла за мултидимензионалноста на животното искуство на Мајка Тереза, „нуди и идеална можност да се создадат мостови на интерактивност помеѓу авторите и различните истражувачки центри кои како заеднички именител имаат моќ да влијаат и да ја рефлектираат оваа жена од планетарни размери“.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби под чие покровителство се одржува оваа манифестација, се обрати кусо на настанот и ја цитираше изреката дека „нашата нација не се цени по тоа колку ценети луѓе има сама по себе, туку според начинот на кој ги цени тие луѓе.“

Присутните и оддадоа почит на Мајка Тереза со положување свежо цвеќе на локацијата на нејзината родна куќа која е означена со комеморативна плоча на плоштадот во Скопје.