Фото: Маја Јаневска - Илиева

Само според Обединетите нации, повеќе од 8 000 лица загинале за време на војната во Украина, од кои 500 се деца. Тоа е официјален податок што можеме да го провериме и да го потврдиме. Но, колку точно луѓе го загубиле животот ќе дознаваме со години, беше речено на денешниот митинг по повод една година од Бучанската трагедија, што се одржа во паркот „Жена борец“.

Претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, Олександар Урбанович потсети на жртвите и на настраданото цивилно население од руската инвазија во неговата држава.

Поради направените злосторства, нагласи Урбанович, на Русија не смее да и се дозволи учество на Олимписките игри ниту под белото знаме.

 

Тој официјално се обрати и до Руската амбасада, јавно повикувајќи ги руските дипломати во Северна Македонија да ја осудат, како што рече, варварската, напаѓачка војна против Украина што ја почна злосторничкиот режим на Владимир Путин.

– Служите во земја со слободни и независни медиуми и имате пристап до информации без пропаганда. Гледате информации за смртта на невините украински деца, жени и мажи кои ја бранат својата држава од неиспровоцираната и незаконска агресија на „рускиот мир“. Ги повикуваме оние од вас кои имаат совет и чест: излезете од овој круг соучесници на злото, немојте да бидете лажговци и лакеи на режимот. Немојте да бидете соучесници во руските злосторства кои режимот на Кремљ ги извршува во Украина – рече Урбанович.

Според него, руските дипломати ја губат довербата и почитта низ целиот свет.

 

– Вашата земја и вашите власти водат напаѓачка војна против независната држава и народ на Украина, која го избра својот независен, демократски пат.  Не поделувајте ја одговорноста за  извршените злосторства, убиства, геноцид и терор. Целиот свет ги виде последиците од руската окупација на Буча, која траеше еден месец, каде беа пронајдени десетици тела на цивили расфрлани низ градот со знаци на тортура. Секое следно населено место, ослободено од Вооружените сили на Украина, откриваше  монструозни воени злосторства и злосторства против човештвото извршени од руските „војници“. Вие сте на исто ниво со оние кои создаваат масовен терор, убиваат цивили, бомбардираат и уништуваат украински градови, гранатираат станбени области – ова го гледа целиот цивилизиран свет. Т.н. руска армија се претвори во глутница од осуденици и криминалци, ограбувачи, садисти и убијци, наведе претседателот на „Лесја Украинка“ и потсети дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг веќе распиша меѓународни потерници за апсење на Путин, како и за комесарката за правата на децата Лвова – Белова.

Урбанович на митингот упати посебна благодарност до Северна Македонија за поддршката и ја нарече „братска“.

-Вашата поддршка во авиони, тенкови и хеликоптери навистина многу ни значи и нема никогаш да го заборавиме тоа – подвлече Урбанович.