По пет месеци на функцијата директор на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), на Иван Илиевски му истече мандатот, соопштија од Град Скопје.
Оттука велат дека постапката за избор и именување на нов в.д. директор на ЈСП е во тек.
Во дописот на Град Скопје до медиумите се наведува дека на досегашниот директор градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му се заблагодарила за досегашната професионална соработка во Јавното сообраќајно претпријатие.
-Претпријатието го наследи со огромни милионски долгови и кој покрај лошата состојба во која беше затекнато јавното претпријатие со неговиот добар менаџмент и посветена работа, претпријатието го остава во добра организациска поставеност, решен голем број на проблемите, како на граѓаните така и на вработените – велат од Град Скопје и додаваат за преземените мерки на Илиевски со кои ја подобрил работата на ЈСП.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од друга страна, тврди дека Илиевски си поднел оставка.
-Наместо да воведе нови автобуси и бесплатен автобуски превоз, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје си поднесе оставка. Оставката на директорот на ЈСП Скопје е втора оставка на директор на некое јавно претпријатие под ингеренции на Град Скопје во рок од само шест месеци. Очигледно дека и директорите на јавните претпријатија почнаа да бегаат од Данела Арсовска и нејзината неспособност – велат од СДСМ.
Илиевски на позицијата директор на ЈСП беше поставен на 13 декември.