Град Скопје, денеска, до Министерството за локална самоуправа ги достави проектите во согласност со објавениот јавен повик за поддршка од Владата, со цел унапредување на квалитетот на живот на жителите на Скопје.
Во областа сообраќај Град Скопје поднесе проекти за 80 еколошки ЦНГ-автобуси и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита Град Скопје аплицира за обезбедување финансиски средства за нови противпожарни возила – информираат од Град Скопје.
Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура аплицира со проекти за реконструкција на улицата Беласица, изградба на булеварот Македонско-косовска бригада, од раскрсницата со булеварот Никола Карев до раскрсницата со булеварот Босна и Херцеговина, кружен тек на улицата Ѓорче Петров со булеварот Македонска војска, изградба на кружен тек на булеварот Александар Македонски, изградба на кружни текови на булеварот 12. Македонска бригада, реконструкција на булеварот Србија и проект за надградба на постојната градежна механизација.
Од областа на комуналните дејности Град Скопје поднесе проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија ‘Комунална хигиена’ и ‘Паркови и зеленило’, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници. За секторот култура и спорт, Град Скопје аплицира со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување трим-тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар.
Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии Град Скопје поднесе проект за LoRaWAN-инфраструктура и за систем за паметно мерење и управување со електричната енергија на град Скопје.
– Во период кога Град Скопје се соочува со голем број предизвици, а наш приоритет е обезбедување квалитетни услуги и ефикасни решенија за граѓаните, се надеваме на успешна соработка со централната власт во насока на заедничка реализација на проектите со цел напредок на градот и подобар живот на граѓаните на нашето Скопје – соопштуваат од Град Скопје.