Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во придружба на градежен инспектор, припадници на МВР и градежна механизација утринава интервенираа на градилиштето на улицата „9 Мај“ и почнаа со затрупување на градежната јама и враќање на локацијата во првобитна состојба, каде инвеститорот „Бинјапи инжинеринг“, како што се наведува, гради надвор од издаденото одобрение за градење.
Како што соопшти Општина Центар, градежната инспекција неколку пати го затвораше градилиштето. Во март годинава одговорните се санкционирани од страна на општината со казни со вкупна вредност од 12.500 евра и тоа со 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето, 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност.
– Во оваа држава постојат закони и тие мора да ги почитуваат сите. Секој оној кој што ќе го прекрши законот ќе биде санкциониран. Тоа се случува и денеска на улицата „9 Мај“. Пред неколку месеци настана проблем од страна на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“, фирмата која што го има одобрението за градба. Јамата не беше целосно обезбедена според даденото решение, односно зградите не беа целосно заштитени од страна на инвеститорот. Не беа поставени оние т.н. „шипови“ кои се за заштита на целото околно земјиште, вклучувајќи ја улицата и зградите. Наместо -1, направени се -2 спрата – изјави Герасимовски.
Нашите инспектори, како што нагласи, и тогаш постапија, ставија жолта лента, беше стопирана градбата, но самиот инвеститор продолжи со градба.
-Ние како Општина по извесен период постапуваме на терен, односно по пишаното решение од градежниот инспектор за враќање на првобитноста на самото земјиште. Истото денеска го спроведуваме, односно го враќаме земјиштето во првобитна состојба – рече градоначалникот Геерасимовски.
Инспекцијата, како што се наведува, утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ е обврзан да постави армирано бетонски колови, т.н. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно на одобрението за градење.
-По ова, согласно Законот за градење, инспекцијата изготви решение за враќање на локацијата во првобитна состојба, со што трошокот за извршувањето на решението ќе се фактурира на инвеститорот, а со потпишана писмена изјава истиот е обврзан да ја врати и улицата во првобитна состојба, се вели во соопштението од Општина Центар.