Во организација на Здружението на просветни работници на Град Скопје, а во соработка и со поддршката на локалната самоуправа, на 2 декмеври во Музејот на револуционерната борба, беше реализирана манифестацијата „Просветен работник на годината на Град Скопје за учебната 2022/2023 година“.
Според претходно распишан конкурс со одредени критериуми им беа доделени признанија на најдобрите просветни работници на територијата на Скопје од сите сфери на образованието.
Добитници на наградите се: Клементина Петрушевска, воспитувач во ЈУДГ „Весели Цветови“, Општина Кисела Вода, Весна Бошковска, одделенски наставник во ОУ„Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода, Олгица Бајалџиева, предметен наставник во ОУ„Петар Поп Арсов“, Општина Карпош, Саниа Качар (од заедниците) предметен наставник од ОУ „Живко Брајковски“, Општина Бутел и Наташа Божиновска, наставник по стручни предмети од СЕТУГС „Михајло Пупин“.
Исто така беа доделени и две специјални признанија за особен придонес во воспитно-образовната и хуманитарна дејност на проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и на светски познатиот ликовен уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин.
Признанијата ги доделија претседателката на здружението Катерина Митковска и заменик градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски.
На манифестацијата беа присутни голем број гости и поддржувачи на здружението меѓу кои беше и Стевче Јакимовски, градоначалникот на Општина Карпош, со која Здружението на просветни работници на град Скопје реализираше проект во Србија.
Томислав Гиевски беше претставник од Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), претставници од издавачката куќа „Просветно Дело“, директорката Весна Дуковска и уредничките Сузана Томовска и Елена Новкоска, Владимир Чолаковски, претседател на Хуманитарни акции.мк, Насер Цури, директорот на Спомен куќата на Мајка Тереза и директорот Насер Цури, членови на едукативниот клуб „Импакт“, советници од БРО, писатели, поети, новинари, родители и ученици.
Манифестацијата ја збогатија учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, на чело со директорката Даница Стојанова, како и словенечкиот хор „Франце Прешерн“ под диригентската палка на маестро Томислав Шопов.
Модератор на настанот беше Лилјана Стоилковска, писател и новинар и Александра Кузмановска, наставник по англиски јазик при ОУ„Петар Поп Арсов“.
Членовите на Здружението на просветни работници на Град Скопје упатија голема благодарност до сите учесници на настанот, како и до „Нова Македонија” и додатокот за деца „Колибри“, минатогодишен добитник на признанието за особен придонес во воспитно-образовната дејност , кое ги следи и информира за активностите на просветните работници. М.Т.