Месното население тврди дека ништо не се променило, огновите и натаму горат, Фото: Дарко Андоновски

Сѐ уште се шират облаци од чад со непријатна миризба од дивата населба на левата страна на Кејот на Вардар, спроти поранешната градска плажа. Чадот што придонесува да се зголеми присуството на ПМ 10 честичките во воздухот сѐ уште му пречи на месното население што живее во делот на Момин Поток, веднаш под живеалиштето на поглаварот на МПЦ. Од непријатната миризба во тој дел на кејот не можат да шетаат граѓаните, ниту, пак, да се рекреираат или спортуваат оние што навикнале да го прават тоа покрај Вардар. За проблемот со дивата населба и палењето огнови и кабли „Нова Македонија“ пишуваше во јули и оттогаш досега ништо не се промени. Од општината Центар, каде што територијално припаѓа оваа дива населба, тогаш ни одговорија дека нивните инспекциски служби и соодветните служби во градот Скопје и претставници на Министерството за труд и социјална политика веќе почнале работни состаноци за да најдат решение на проблемот со привремената населба на кејот на Вардар.

За заклучоците произлезени од состаноците и наредните чекори за настанатата ситуација ни рекоа дека ќе бидеме известени дополнително. За жал сѐ уште немаме никаков одговор, не знаеме дали инспекторите биле на терен. Токму затоа повторно ги прашавме во Центар до каде стигнаа работите и има ли на повидок какво било решение, најпрво со чадот што го загадува воздухот, а секако и со изворот на чадот, дивата населба покрај кејот на Вардар. Оттаму кратко одговорија дека инспекциските служби на општината се во редовен контакт и координација со инспекциските служби на градот Скопје. За повеќе информации околу наредните чекори за овој проблем нѐ упатија да се обратиме до службите на градот Скопје. Ние го направивме тоа уште во понеделникот, а во вторникот на нивната мејл-адреса повторно упативме прашања и ги потсетивме на оние од претходниот ден. Евидентно е дека на другите прашања поставени неделава добивме одговор, но не и на овие за чадот на кејот.

-Диво населените лица секојдневно си продолжуваат со своите навики и како никој ништо да не им може, а ние се задушуваме секоја ноќ и не смееме да отвориме ниту прозорци ниту врати. Секоја вечер доаѓа комбе, растовара кабли и потоа ги палат огновите. Не можеме да заспиеме ниту од чадот, ниту од прегласната музика – објаснува Јово Велиновски, жител на Момин Поток.

Тој и претходно ни кажа дека дивата населба на кејот опстојува цели седум години и им го нарушува мирот, а никој досега не им излегол во пресрет на нивните поплаки, ниту општината, ниту градот, ниту пак полицијата. И натаму секоја вечер ги трпат сите немири што им ги приредуваат дивонаселените.

Прашањето со загадувањето на животната околина е и суштинско и особено важно за решавање сега, пред почетокот на грејната сезона, кога жителите од дивата населба ќе палат многу повеќе огнови од сега. Не е исклучено дека ќе се загреваат со сѐ што ќе најдат. Ако не се отстранат ваквите извори на загадување на амбиенталниот воздух, тогаш бадијала ќе се потрошат парите за субвенции за чистење на оџаците.

Лицата што се староседелци во тој дел од Момин Поток каде што се наоѓа дивата населба велат дека по шест децении, сега неспокојно живеат. Нивните диво доселени соседи секоја вечер палат огнови и горат кабли. Не можат да се одбранат и од кражби во дворовите и во бавчите, а велат дека населбата постојано се зголемувала и којзнае колкумина сега живеат во четириесетина куќарки и импровизирани шатори. Велат дека можеби станува збор за околу двесте луѓе, а зимава тие ќе палат над четириесет огнови од разни материјали за да се греат.