Советот на Општина Аеродром на последната 48. седница го изгласа буџетот за 2021 година со развојна компонента.
Градоначалникот Златко Марин во образложението на новиот буџет посочи дека фокусот во 2021 година ќе биде на заштита на животната средина, подобрување на условите во образованието, спортот, грижата за младите и за ранливите категории и други предвидени проекти во интерес на граѓаните.
Една од главните ставки предвидени во буџетот за 2021 година е заштита на животната средина и повеќе мерки за намалување на загадувањето на воздухот, за што се обезбедени дополнителни средства за заштита на животната средина. Притоа, ќе се продолжи и со доделување субвенции за велосипеди, како и со обнова на блоковското зеленило. Исто така, во програмата за паркови и зеленило се предвидени средства за изградба на нови паркови и зелени површини, и тоа по еден покрај улицата Васко Карангелески и во индустриската зона во близината на Џевахир и три во Стар Аеродром, како и за садење нови пет илјади високостеблести дрвја, а ќе се проектира и новиот парк кај ФФМ.

Што се однесува до проектите за подобрување на образованието, во буџетот за наредната година се предвидени средства за изградба на нова детска градинка, за парична помош за надомест на патни трошоци на учениците со посебни образовни потреби, еднократна парична помош за секое прваче и за најдобар ученик на генерација од секое основно училиште во Општина Аеродром, за субвенционирање на трошоците за топол оброк на учениците во основните училишта, како и за набавка на паметни табли и друга современа ИКТ-опрема за сите училишта. Во 2021 година ќе се реконструираат и изградат нови детски и спортски игралишта, ќе се подготват проекти за поставување лифтови за ученици со посебни потреби во училиштата „Александар Македонски“ и „Гоце Делчев“, а ќе се постават вакви лифтови во „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“, ќе се догради објектот на ООУ „Лазо Ангеловски“, каде што ќе се опреми и сензорна соба. Во населбата Стар Аеродром ќе се изгради ново спортско игралиште, додека на спортските игралишта ќе се постават нови подлоги. Сите основни училишта и детски градинки ќе се постават фотоволтаици, што ќе придонесе за огромна заштеда на електрична енергија.

Во делот на инфраструктурата во буџетот за 2021 година се испланирани средства за изградба на улици, меѓу кои пристапните улици 6 и 7 заедно со атмосферска канализација во населбата Мичурин, за обележување на сообраќајната сигнализација во целата општина, како и за проектирање на општинска зграда. Ќе се реконструира и паркиралиштето и скверот зад ТЦ „Бисер“ и „Капитол мол“.