За Божиќ бесплатни паркинзите во Центар

За време на божиќните празници на шести јануари, в понеделник, и на седми јануари, во вторник, сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Паркинзи на општината Центар“ ќе бидат бесплатни за граѓаните. Тоа значи дека паркиралиштата во зоните: 01, 0, 1, 2, затворените паркиралишта што се наоѓаат кај: Дом на градежници, „Трготекстил“ и „Автомакедонија“ и јавните гаражи: монтажните гаражи Капиштец, Буњаковец и катната гаража кај Судска палата, се бесплатни за користење во овој период.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање договори во дирекцијата ќе продолжи на осми јануари со вообичаено работно време.

Гимназијата „Никола Карев“ доби музички инструменти

Гимназијата „Никола Карев“ покрај тоа што доби просторија за пробни свирки, доби и музички инструменти што ќе бидат наменети за наставни и воннаставни активности. Инструментите ќе бидат достапни и за млади што не се ученици на ова средно училиште, а се купени преку проект финансиран од Програмата за финансирање програми и проекти на млади на градот Скопје за 2019 година. Проектот е реализиран од Центарот за креативно живеење, парк и арт-хаус Карев. Од градот велат дека многу се заинтересирани да ги поддржат проектите што ја промовираат урбаната и младинската култура.
– Неодамна со МКЦ ја отворивме галеријата на графити во катната гаража „26 јули“. Кај овој проект многу ни се допадна што користи веќе постоен јавен простор, дел од средното училиште на градот Скопје, ја надградува неговата намена и го отвора за користење за сите млади. Веќе неколку години гледаме како оваа гимназија сѐ повеќе прераснува и во културен центар, па не случајно беше и дел од манифестацијата „Бела ноќ“ во 2018 година, а се познати и други соработки со институциите од културата за кои е надлежен градот. Исто така, бидејќи со средствата добиени во рамките на Програмата за млади за 2019 година се купени музички инструменти, тоа ќе овозможи придобивките од овој проект да се чувствуваат уште многу години – вели портпаролот на градот Скопје, Ваљон Салиху.