Наместо да ги користат пешачките мостови, пешаците најчесто претрчуваат по улиците

Граѓаните не ги користат пешачките мостови наменети за нив. Напротив, упорно претрчуваат преку улиците, ризикувајќи го сопствениот живот, но и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Таква е сликата постојано во „Чаирчанка“ и на Бит-пазар, каде што има надвозници наменети за безбедно преминување на улиците

Два целосно неискористени пешачки мостови залудно стојат во Чаир и на Бит-пазар. Граѓаните ниту ги користат ниту пак ги забележуваат дека тие се тука. Наместо тоа, претрчуваат по улиците создавајќи хаос во сообраќајот, кој на овој потег е доста фреквентен. Во Чаир на улицата Цветан Димов и покрај тоа што надлежните поставија дури и бетонски ѕид помеѓу двете сообраќајни ленти за да го спречат хаосот од пешаци и возила, насочувајќи ги пешаците да преминуваат улица преку надвозникот, сепак, се чини дека на пешаците полесно им е да прескокнуваат речиси еднометарски бетонски ѕид, ризикувајќи си го сопствениот живот. Целосно неискористен, освен за реклами, овој надвозник скапува под милоста на временските услови.
Ништо поразлична не е ниту состојбата со надвозникот на Бит-пазар. Овој бидејќи е од позатворен тип, служи и за фрлање отпадоци, но и за вршење нужда во случаи кога граѓаните немаат каде да го сторат тоа. Па, така, доколку се обидете да преминете улица преку него, навистина ќе се згрозите од тамошната слика. Уште на скалилата ќе ве пречекаат отпадоци, но и граѓани што решиле тука да одморат, па се испружиле да починат.

Дополнително на Бит-пазар проблем прави и див пешачки премин, кој на граѓаните одлично им врши работа кога сакаат да претрчаат преку улицата, а возилата сметајќи дека станува збор за легален пешачки премин, застануваат и ги пропуштаат.
За некои од граѓаните ваквата состојба е недопустлива, особено затоа што двата надвозника се од клучна важност, како за возачите така и за пешаците.
– Јас сум жител на Чаир и единствено што можам да кажам е дека залудно е сѐ што се прави од надлежните. За овој народ само ригорозни санкции можат да помогнат. Пешачкиот мост во „Чаирчанка“ се користи само во период кога се поставуваат реклами. Никогаш, ама никогаш не сум видел пешаци да преминуваат улица преку него. Инцидентно се случува да застанат родители со деца за да им покажат колку е високо, значи исклучиво од забава го прават тоа, не од потреба. Единствено нешто што можам да кажам е дека понекогаш дечиња кога одат на училиште преминуваат преку него. Други не – вели Илија Стојановски.
Како што вели тој, наместо да се користи пешачкиот мост, пешаците најчесто претрчуваат преку улицата, прескокнувајќи го еднометарскиот ѕид.
– Во неколку наврати се случило пешак што прескокнува преку столбот да се препне и да падне на улицата. За среќа, што на оваа улица во голем дел од денот не е возможно да се вози брзо поради метежите, па не настрадал ниту еден пешак, но сепак, прашање на време е кога и тоа ќе се случи. За мене како возач навистина е непријатно додека возам да гледам како некој скока од ѕидот и ризикува да падне под тркалата на моето возило – вели тој.

Зоран Димовски, пак, вели дека на Бит-пазар постојано има наплив на пешаци.
– Значи не зборуваме за два-тројца пешаци. Зборуваме за 15-20 лица што на секои пет минути во огромна група стојат и постепено ја освојуваат улицата. Пуштаат нога по нога, за конечно некој да застане и да ги пропушти. А тука веднаш над дивиот пешачки премин има пешачки мост наменет токму за нив, за безбедно да можат да ја преминат улицата. Значи не е до надлежните, до народот е. Никогаш не сме имале сообраќајна култура, постојано сами си ги создаваме хаосите низ улиците – вели тој.
Според надлежните, надвозникот во Чаир е поставен од страна на приватен инвеститор и тие немаат никаква законска можност за интервенција.
– Станува збор за надземен пешачки премин (надвозник), кој е поставен од страна на приватен инвеститор, кој е изграден со јавно-приватно партнерство со Општина Чаир, а концесијата трае 15 години. Истата таа е врзана со рекламните билборди што се дел од објектот. Оттука, Градот нема ниту законска можност, ниту обврска да интервенира бидејќи не станува збор за наша инвестиција – информираат градските власти.
Во однос, пак, на состојбата на Бит-пазар и неискористеноста на надвозникот, но и дивиот пешачки премин, од Градот информираат дека постојат законски прописи што мора да се почитуваат во ситуации кога има надземни пешачки премини и пешачки премини.

– Постојат законски прописи за далечина на која смеете да обележите пешачки премин, а поради поставените надземни пешачки премини, тука нема пешачка патека и граѓаните прават прекршок. Град Скопје неколкупати побара од Општина Чаир или да инвестира во инсталации и инфраструктура во надземниот пешачки премин, за истиот тој да биде користен од страна на граѓаните или да го затвори за ние да можеме да направиме (обележиме) пешачки премин – информираат од градот.

[email protected]