Општина Центар ја активираше банкарска гаранција за изградбата на Шпански скали со која во општинскиот буџет се вратени 6.169.500 денари, односно околу 100.000 евра.

Согласно Договорот за отуѓување на земјиштето склучен 11 ноември 2013 година помеѓу Министерството за транспорт и врски и ДТПУ „Амадеус Девелопмент ДООЕЛ Скопје“ за изградба на т.н. „Шпански скали“ „Амадеус Девелопмент“ биле обврзани да добијат одобрение за градење на предвидениот објект од Општина Центар во рок од 9 месеци од извршената солемнизација, а тој рок истекол на 20 август 2014 година.

Општина Центар сепак, на Амадеус Девелопмент им издава одобрение за градење дури на 28 јули 2015 година, правосилно на 12 август 2015 година, чие барање за издавање е со задоцнета дата на поднесување.

Согласно одобрението, Амадеус Девелопмент имале рок не подолг од 6 години за изградба на објектот, односно не подоцна од 12 август годинава.

Со решение од 12 мај 2020 година, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, го прогласува одобрението за ништовно. Жалбата на „Амадеус Девелопмент“ до второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски е одбиена како неоснована, затоа што биле должни да почнат со градба најдоцна до 12 август 2017 година, односно најмногу две години од правосилноста на одобрението.

Согласно склучениот договор, доколку купувачот не исполни дел од обврските од истиот договор и не ги испочитува утврдените рокови, договорот од страна на продавачот се раскинува и земјиштето се враќа во негова сопственост, односно во сопственост на Општина Центар.