Општината Центар во соработка со компанијата за управување со отпадни масла и масти за јадење од растително потекло, „Суниленс“, започна акција за собирање на отпадното масло од домаќинствата. При процесот за приготвување храна, искористеното и прегорено масло за јадење најчесто завршува во канализација.

Според еколошките експерти, отпадното масло може да предизвика последици врз почвата, водата и воопшто врз здравјето на луѓето. Но наместо да се исфрла во канализацијата, преку оваа акција, отпадното масло ќе се собира во постојниот екосистем на „Суниленс“, кој е наменет за домаќинствата.

– Секое домаќинство што користи масло за јадење и други видови растителни масла во процесите за приготвување храна, има можност, отпадното масло да го собира во пластични садови од 3 литри, кои по полнењето ќе ги преземат одговорни лица од „Суниленс“. За секоја полна кантичка, собирачот добива 0,5 литри сончогледово масло за готвење, кое може да го задржи за себе или да го донира преку ЗГ „Љубезност“ до социјално загрозено семејство во рамките на хуманитарниот екопроект „Рециклирај и донирај“ – се наведува во соопштението од општината Центар.

Од општината Центар додаваат дека доколку граѓаните сакаат да се вклучат во акцијата, треба да се јават на еколинијата 070 264 444 за добивање на садот и понатаму за предавање на отпадното масло, откако ќе го наполнат. Оваа екоакција ќе се спроведува во текот на следните месеци, во соработка со урбаните заедници во општината Центар.