Кај многумина нема основна култура при користење на автобусите / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Возачите или контролорите доколку забележат несовесен патник го опоменуваат, тоа им е единствената опција. Во случај на нарушување на редот и мирот, возачот има право да ја повика внатрешната контрола при ЈСП „Скопје“, а во одредени ситуации може да побара и асистенција од полиција, велат од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“

ДЕМОЛИРАЊЕТО НА ВОЗИЛАТА НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ КАКО ПОВОД

Ишарани седишта со маркери, искинати тапацири, искршени рачки за држење, отпадоци, лушпи од сончоглед се само мал дел од штетите што во автобусите на јавното сообраќајно претпријатие ги причинуваат несовесните патници.
Како метропола, наместо да имаме современ, модерен и уреден автобуски превоз во кој патниците ќе ги почитуваат правилата на ред и мир, тие го оштетуваат инвентарот каде што секојдневно треба да се возат.
Па, така, речиси и да нема автобус без некое оштетување причинето токму од несовесните патници, а исто така речиси и да нема ден, а да не се забележи некој од овие патници.
Со истегнати нозе на спротивното седиште, со потпрени чевли на тапацирот, загледани во својот мобилен телефон, воопшто и немаат срам за своето однесување, напротив, уште и реагираат дрско доколку некој од другите патници им посочи дека таквото однесување е недозволиво.

– Еден ден и тој патник ќе треба да седне токму на тоа место каде што ги испружил нозете со своите валкани чевли. Навистина не знам што размислуваат. Дали и дома на своите столчиња, маси, фотелји и кревети со чевли ги оптегнуваат нозете за да ги одморат? Па и кога човек ќе им каже толку се невоспитани и вулгарни, употребуваат страшно безобразни зборови за да се одбранат. И не е само тоа, колку пати само грицкаат сончоглед и плукаат долу, јадат храна и отпадоците ги оставаат на земја или на седиштето и воопшто не им е грижа за тоа – вели Душанка Миланова, која редовно го користи јавниот превоз.
Според неа, во автобусите може буквално сѐ да се види, од исцртани љубовни симболи, до искршени рачки за држење.
– Затоа што се сакале морале да ја овековечат својата љубов пишувајќи ги своите имиња на седиштето. Некои отишле дотаму што со остар предмет ги запишале своите имиња, па ги изгребале седиштата. Рачки за држење висат, а не можат да се користат затоа што се искршени, а често се случува да наидеме и на оштетени валидатори за картички. Сега најнова занимација им се полначите за телефони, кои навистина не знам што им пречат, па ги кршат – вели таа.
Корисниците на јавниот превоз велат дека кај многумина нема основна култура при користење на автобусите.
– Се туркаат, пцујат, вреват, прават метеж, стојат на скалите, па не може човек да се качи на вториот кат… Некои млади патници вреват, мислат дека со автобусот одат на екскурзија, па пуштаат музика, пеат.. културната ни е, за жал, на многу ниско ниво. Ако им укаже човек, веднаш исмејуваат, навредуваат и напаѓаат, па добиваме контраефект, затоа што уште повеќе вреват и создаваат бучава – вели Милош Димковски.

Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ велат дека се запознаени со оваа појава и дека, за жал, немаат никаков механизам за да го спречат ваквото однесување на некои од патниците.
– За жал, не постои механизам со кој би се искорениле посочените навики на несовесните патници. Сѐ останува на совеста на патниците – велат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во случаи кога има несовесни патници, единствено нешто што можат да направат е да апелираат на совесно однесување при користење на јавниот градски превоз.
– Возачите или контролорите доколку забележат несовесен патник го опоменуваат, тоа им е единствената опција. Во случај на нарушување на редот и мирот, возачот има право да ја повика внатрешната контрола при ЈСП „Скопје“, а во одредени ситуации може да побара и асистенција од полиција – велат од сообраќајното претпријатие.
Од ЈСП велат дека немаат точна финансиска пресметка за висината на штетите.
– Цел на несовесните патници се седиштата, тапацирите, рачките во украинските возила (ЛАЗ), регистрирани се во неколку наврати и физички оштетувања на валидаторите, во новите возила има оштетувања на полначите за телефони – информираат од претпријатието.

[email protected]