За периодот на вонредната состојба, паркинзите, како и се друго во земјава, функционираа со намален обем на работа / Фото: Игор Бансколиев

И покрај севкупната неповолна состојба, финансиската состојба со јавното претпријатие „Градски паркинг“ е стабилизирана и претпријатието во целост и навремено врши исплата на даночните обврски кон државата, платите на вработените и обврските кон доставувачите, информираат од градот

Корона-кризата длабоко ги засегна и јавните претпријатија

Пандемијата на коронавирусот, која го зафати целиот свет, не ги одмина ниту земјава, ниту метрополата и работењето на јавните градски претпријатија. Затворањето на институциите, работењето со скратено работно време и пренасочувањето на работните обврски од дома, а сето тоа во времетраење од повеќе од два месеца, предизвика опаѓање на приходите кај сите правни субјекти, независно дали се јавни или приватни.
Меѓу најпогодените од пандемијата се најде и јавното претпријатие „Градски паркинг“, кое изминатиот период бележи пад на приходите поради намалената фреквенција на луѓе, а со тоа и поради намалената потреба од паркинг-простор.
Граѓаните едноставно заминаа дома, работеа од дома, пазаруваа од дома. Паркинзите низ метрополата останаа празни, а со тоа опаднаа и работата и приходите на „Градски паркинг“.

Претпријатието бележи значајно намалување на приходите, во споредба со истиот период минатата година, почнувајќи од почетокот на годинава, па до крајот на јуни, кога општествено функционирање речиси немаше.
Шестмесечниот извештај од работењето на претпријатието се разгледуваше и на седница на Советот на градот. Според билансот на успех на претпријатието, за периодот од први јануари до 30 јуни се покажува дека приходите на претпријатието се намалиле речиси за 30 отсто во однос на истиот период минатата година. Намалувањето во голема мера се должи на падот на оперативните приходи, односно приходи од паркирање и приходи од отстранување на непрописно паркирани возила како последица на здравствената криза предизвикана од ковид-19.
За периодот на вонредната состојба, паркинзите, како и сѐ друго во земјава, па и светот, функционираа со намален обем на работа, што беше случај и со пајак-службата.

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ се соочи со голема финансиска загуба како резултат на пандемијата предизвикана од ковид-19. Во вториот квартал од 2020 година, со оглед на очекуваната добивка и пресметаната загуба, претпријатието претрпе загуба од околу 14 милиони денари

Сепак, градските власти смируваат дека финансиската состојба на претпријатието е стабилна и оти вработените може да бидат мирни.
– Покрај целокупната состојба, финансиската состојба со јавното претпријатие „Градски паркинг“ е стабилна и претпријатието во целост и навремено врши исплата на даночните обврски кон државата, платите на вработените и обврските кон доставувачите – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека за да се изврши целосен увид во состојбата на јавното претпријатие и неговата работа, сепак е потребно да се анализираат податоци за подолг временски период, поточно да се анализира целогодишниот извештај за работата на претпријатието.

Откако почна ширењето на коронавирусот и во земјава, и јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ работеше со скратено работно време, во согласност со тогашните препораки од Владата. Отворените и затворените паркиралишта на претпријатието, пајак-службата и катната гаража „Судска палата“ работеа со скратено работно време, од осум до 14 часот, додека во петоците од осум до 13 часот. Шалтерите за прием на странки беа затворени, а корисниците сите услуги на претпријатието можеа да ги користат исклучиво по електронски пат. Корисниците онлајн склучуваа и продолжуваа договори за резиденти и нерезиденти, електронски плаќаа за тоа, електронски плаќаа и за дневна паркинг-карта, за месечен билет и други типови билети, а исто така електронски можеа да поднесуваат рекламации и приговори.
Оттаму велат дека претпријатието претрпело загуба дури од 14 милиони денари, но тврдат дека таквата состојба нема да влијае на работата на претпријатието, ниту пак на цените на услугите.

– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ се соочи со голема финансиска загуба како резултат на пандемијата предизвикана од ковид-19. Во вториот квартал од 2020 година, со оглед на очекуваната добивка и пресметаната загуба, претпријатието претрпе загуба од околу 14 милиони денари. Оваа загуба нема да влијае врз цените на услугите, претпријатието ќе ги покрие финансиските „дупки“ предизвикани од корона-кризата со кратење на одредени капитални инвестиции што според годишниот план требаше да бидат реализирани до крајот на годината. Проектот со мрежниот систем за автоматска наплата, кој вклучува АНПР-камери (камери за автоматско препознавање на регистарски таблички), сензори и мобилни АНПР-камери што овозможуваат точна идентификација на возилата и ефикасна контрола и управување со пристапот од сите влезови на паркиралиштата нема да биде реализиран оваа година и се надеваме ќе почнеме со негова реализација во текот на наредната година – информираат од претпријатието.

[email protected]