Фото: Маја Јаневска-Илиева

Велосипедските патеки често се користат како паркинг-места и се исполнети со автомобили, а по улиците велосипедистите се изложени на голема опасност поради лошите услови за движење, но и поради ниското ниво на култура кај учесниците во сообраќајот. Изминатата година и пол се изградени и се реконструирани 14,6 километри пешачко-велосипедски патеки

За да го избегнат градскиот метеж, граѓаните на Скопје сѐ почесто го користат велосипедот како превозно средство. Некои затоа што немаат автомобил, не сакаат да се возат со автобус или за да си го подобрат здравјето, други, пак, за да си ги намалат трошоците за превоз. За многумина, велосипедот нуди поголема подвижност и пристапност до одредени локации, особено кога во градот има голем сообраќаен метеж. Но често пешаците и велосипедистите во главниот град се принудени да се движат по коловозите, бидејќи тротоарите и велосипедските патеки се исполнети со паркирани автомобили. На овој начин тие се принудени да се изложуваат на опасност. Како што стојат работите сега, способноста и снаодливоста на велосипедистите за време на нивното движење секојдневно се ставени на тест и тоа поради непрописно паркираните возила, столпчињата, билбордите и масите и столчињата од угостителските објекти. Тоа значи дека, освен подобра велосипедска инфраструктура, потребна ни е и поголема сообраќајна култура.

Од градот Скопје велат дека постојано се работи на подобрување на условите и околностите за користење на велосипедот како превозно средство, преку реконструкција на постојните и изградба на нови велосипедски патеки. Изминатава година и пол се изградени и се реконструирани 14,6 километри пешачко-велосипедски патеки. Годинава, планирана е изведба и реконструкција на велосипедски патеки со вкупна должина од 16 километри. На одредени патеки, каде што постоеше можност, поставени се и столпчиња што треба да ги заштитат велосипедистите од возилата и да им овозможат слободно движење на пешаците.

За подобрување на велосипедската инфраструктура работат и општините. Од Карпош информираат дека со изградбата на велосипедски патеки целта им е велосипедистите на безбеден начин да можат да се вклучат на булеварите. Тие, исто така, поставија и повеќе велосипедски паркинг-места низ општината, а продолжува и стимулирањето на граѓаните за набавка на нови велосипеди преку субвенции, мерка што беше реализирана во три наврати. Минатата година двапати биле доделени 250 субвенции, а годинава ова право го искористиле 130 граѓани.

– Нашите комунални редари во повеќе наврати санкционираат учесници во сообраќајот, кои го попречуваат безбедното движење на велосипедистите, но сепак, постојано мора да се работи на подигнување на јавната свест паралелно со мерките што ги преземаат институциите – информираат од општината Карпош.

Велосипедските патеки често се користат како паркинг-места и се исполнети со автомобили. По улиците велосипедистите се изложени на голема опасност поради лошите услови за движење, но и поради многу ниското ниво на култура кај учесниците во сообраќајот. Иако работите се одвиваат многу бавно, сепак граѓаните на Скопје евидентираат подобрување во инфраструктурата на велосипедските патеки.

– Велосипедот е одлично средство за превоз од аспект на екологијата, а наедно не може да се занемари и неговото позитивно влијание на здравјето. Во врска со велосипедската инфраструктура, Скопје има уредени велосипедски патеки. Би било уште поубаво да има уште повеќе, но засега, доволно е тие да не се злоупотребуваат. Исто така би било убаво редовно да бидат одржувани – вели скопјанецот Марјан Карапанџевски.

По седум години активно дејствување за подобри услови на велосипедистите, организацијата „На точак“ потсетува дека Скопје сѐ уште е далеку од други градови низ светот што имаат развиена велосипедска култура. Тие нагласуваат дека последните неколку години многу граѓани го употребуваат велосипедот како превозно средство во борбата против сообраќајниот метеж.

– Последниве неколку години работите почнаа да се менуваат во насока на обезбедување основни услови за користење велосипед на некои од градските булевари, но сѐ уште сме на тоа почетно ниво. Овие услови обезбедија сериозен пораст на бројот на луѓето што користат велосипеди како превозно средство – велат од граѓанското здружение „На точак“.

Но и покрај основните услови, велосипедистите секојдневно се среќаваат со проблеми како високи рабници, незаобиколиви автобуски станици и конфликти со граѓани што ги користат велосипедските патеки за пешачење.
– Најголемиот проблем е што насекаде нема велосипедска инфраструктура, градот не е целосно поврзан за патување со велосипед, а на пример поврзан е за автомобилите. Има општини во кои воопшто нема велосипедска инфраструктура – објаснуваат од здружението „На точак“.

Според нив, преголемиот сообраќаен метеж, бучавата, загадувањето од автомобилите и немањето простор за движење се проблеми што единствено би се решиле со превртување на сообраќајната пирамида. Пешаците треба да бидат на прво место, потоа велосипедистите, па јавниот превоз и дури на самиот крај автомобилите.

– Граѓаните сакаат да возат велосипед. Според нашите истражувања, повеќе од 50 отсто би возеле велосипед. Некои секојдневно, некои повремено, доколку градот им обезбеди услови за тоа. Она за што се залагаме, е создавање услови, за граѓаните што не возат да бидат поттикнати да почнат да возат велосипед – сметаат од здружението „На точак“.

Со заеднички заложби и зголемена велосипедска инфраструктура може да се направи чекор кон подобрување на состојбата на сообраќајот во Скопје. Доколку повеќе граѓани возат велосипеди, до толку и ќе бидат поголеми придобивките. А тоа би значело намален сообраќаен метеж, помалку бучава и сообраќајни незгоди, како и почист воздух за кој постојано се залагаме.

 


Секој четврти на велосипед за подолг живот

Европските градови направиле студија со која откриле дека доколку ги прошират своите велосипедски мрежи, би спречиле прерана смрт на десет илјади луѓе годишно, пренесува Европската федерација за велосипедисти.
Студијата, спроведена во 167 европски земји од страна на Институтот за глобално здравје во Барселона во 2018 година открива дека доколку во еден град велосипедистите достигнат бројка од 24 отсто во сообраќајот, со што еден од четворица граѓани дневно би употребувал велосипед за своите секојдневни потреби, годишно би се спречиле десет илјади луѓе трагично да го загубат животот.

Со овој текст весникот „Нова Македонија“ ѝ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

[email protected]