Еколошките алтернативи во транспортот сè поактуелни

Системот за брз транзит на автобуси, кој се планира да се воведе во Скопје, наложува стеснување на коловозните ленти. Тоа ќе ги принуди граѓаните што помалку да ги користат своите автомобили. Автобусите ќе бидат на електричен или хибриден погон, што реално дава можност да се намали и загадувањето. Кога ќе се воведе новиот систем останува непознато

Со оглед на тоа што на глобално ниво станува сѐ појасно дека мора да се намали загадувањето, сѐ поактуелни стануваат еколошките алтернативи во превозот. Светот почнува да ја препознава потребата од промена на возилата што користат нафтени деривати со возила што се еколошки ефикасни за да се намали загадувањето во воздухот. Затоа автомобилската индустрија се пренасочува кон создавање на следната генерација возила што користат електрична енергија, а локалните власти се обидуваат на различни начини да ги инкорпорираат овие еколошки принципи во јавниот транспорт.

Еден таков пристап претставува системот за брз транзит на автобуси попознат како „Бас рапид транзит“. Овој систем се користи во главниот град на Индонезија уште од април претходната година, а од неодамна скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека истиот систем ќе се воведе и во градот Скопје. Се поставува прашањето дали оваа промена во јавниот транспорт навистина ќе помогне во намалување на загадувањето на воздухот во градот.

Патниците што го користат јавниот превоз во Џакарта периодов имаат можност да ги почувствуваат благодатите од новата еколошка опција за транспорт на нивниот град. Во согласност со визијата на гувернерот Ание Басведен, да ја направи Џакарта еден од најзелените градови во светот, „Трансџакарта бас рапид транзит систем“ реализира пробна програма на електрични автобуси до одредени маршрути во градот.

Системот за брз транзит на автобуси во Џакарта е најголем во светот, тој опслужува речиси 200 милиони корисници секоја година. Бројот на корисници расте, а власта додава нови маршрути и повеќе автобуси за да го намали сообраќајниот метеж. Транзицијата кон електрични возила е логичен чекор за борбата на жителите за почист воздух, кој се загадува од големиот број возила, користењето јаглен и палењето на земјоделските површини. Во лошите денови, Џакарта може да се најде на врвот на списокот на најзагадените градови во светот.

Со сличен проблем се справува и Скопје, особено во зимскиот период, кога има загаденост далеку над дозволените норми. За да се донесат поеколошки превозни средства во јавниот транспорт, Владата во декември минатата година ја усвои програмата за воведувањето на таканаречениот „Бас рапид транзит“ (БРТ) на територијата на Скопје.

– БРТ претставува воспоставување коридори резервирани исклучиво за капацитетни автобуси на електричен или хибриден погон (автобуси на плин и електромотори). Имплементирање на системот ќе овозможи формирање сообраќајни ленти во двата правци, исток-запад, односно од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, и југ-север од Кисела Вода, кај поранешна Стаклара, до Бутел кај поранешно „Типо“, така што ќе имаме едно целосно решение. Линиите ќе се вкрстуваат кај Олимписки базен – велат од градот Скопје.

Овој систем, или популарно попознат како автобуско метро, ќе овозможи траса што ќе биде физички издвоена од другите учесници во сообраќајот, со што се обезбедува многу побрз и побезбеден транспорт, додаваат од градот.

Од друга страна, еколошките организации напоменуваат дека со стеснување на коловозните ленти, возачите се принудуваат што помалку да ги користат своите автомобили, таков е примерот со Барселона. Автобусите ќе бидат на електричен или хибриден погон, што значи дека навистина постои реална можност да се намали користењето на приватните возила. Но екологистите напоменуваат дека, сепак, оваа опција треба да биде економична и со квалитетна услуга за да биде атрактивна за граѓаните.

Но кога ќе можат граѓаните да го користат новиот транспорт, од градот велат дека во овој момент не може да се знае.

– Бидејќи станува збор за капитален мегапроект, за што се потребни огромни финансиски средства што градот не може сам да ги покрие, изминатиов период се работеше на соодветните информации и анализи за добивање на поддршката од страна на Владата на РСМ. Во однос на самата реализација, тешко е да се даде временска рамка, бидејќи во овој проект, освен градот, вклучена е и Владата, како и меѓународните финансиски институции. Сите финални одлуки и договори мора да поминат со посебен закон за задолжувањето што треба да биде донесен од Собранието. Поради одржувањето на собраниските избори и можноста оваа одлука да се одложи по формирањето на новото собрание, навистина е тешко да се дадат проекции и конкретни рокови за динамиката на реализација – велат од градот Скопје.