По шест децении, основното училиште „Јоаким Крчовски“ во селото Волково ќе добие спортска сала. Изградбата на салата е проект на Министерството за образование и наука и на општината Ѓорче Петров, а објектот ќе овозможи соодветни услови за физичко образование, развој на спортскиот дух и рекреирање на четиристотини ученици.
– Општината Ѓорче Петров ги заврши техничките подготовки за изградба на нова типска сала, која ќе се простира на површина од 650 квадратни метри и ќе биде наменета за мал фудбал, кошарка, ракомет, пинг-понг и гимнастика. По приспособениот терен од страна на општината, Министерството за образование и наука, кое е инвеститор на овој капитален проект, ги изведува градежните работи, кои треба да завршат најдоцна за една година – велат надлежните од општината Ѓорче Петров.
Тие сметаат дека со овој спортски објект ќе го подигнат спортскиот дух во општината, која со години испишува историја на врвни спортисти. Велат дека со изградбата на вакви објекти создаваат услови за здрави спортски навики кај младите, за што и натаму ќе водат сметка.