Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на седница на 12 септември, ја поддржа Украинска православна црква, која беше забранета, т.е. административно укината од Парламентот во Украина во август, годинава.
Ова прашање било разгледувано на редовна седница на Синдот, на која биле разгледани повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот, според соопштението од МПЦ-ОА.
„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби“, пишува во соопштението од МПЦ-ОА.
Светиот синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, пишува во соопштението, „сведочејќи ја евангелската вистина, искажува молитвена поддршка на Претстојателот на Украинската Православна Црква, Неговото Блаженство Митрополит Киевски и на цела Украина г. Онуфриј, на браќата архијереи и на нејзиниот верен народ, молејќи се семилостивиот Господ да им даде сила да истраат и да ги надминат овие искушенија“.