Претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова попладнево во обраќање до јавноста по трагедијата во Кочани порача дека не е време на делби и конфронтации и дека никој што е одговорен нема да ги избегне правдата и казната.
– Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната – рече Силјановска Давкова.
Да не ја сквернавиме невината жртва на погинатите да ги здружиме силите околу преживеаните, рече Силјановска-Давкова, потенцирајќи дека не треба веќе да дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе.
– Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединци. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот – нагласи претседателката.
Посочи дека утринава ги посетила хоспитализираните и оти таму ја дочекале роднините на повредените, со надеж и доверба во медицинскиот персонал. Сите сме во шок, кажа таа, посочувајќи дека и таа самата е шокирана.
– Како мајка, како човек, како претседателка. Сè уште не можам да поверувам дека ужасната трагедија во Кочани е реалност. Не знам со кои зборови да им изразам сочувство на родителите и најблиските на погинатите. Вашата неизмерна болка е и моја – рече претседателката.
Силјановска Давкова посочи дека повеќе држави се огласиле за помош.
– Најтешко повредените се транспортираат на специјализираните клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција. Добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни – рече Силјановска Давкова во обраќањето до јавноста.
Во пожарот во дискотека во Кочани рано изутринава загинаа 59 лица, а 155 се повредени.