Фото: Н.М.

Свети Никола се слави на 19 декември. Голем број православни верници вечерва (18 декември) прават заслуг, или чествување спроти слава, почеток на славење на светителот, заштитник на домот

Православните верници во Македонија го чествуваат Свети Никола. Празникот Свети Никола заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија. Станува збор за посна слава, па на трпезата ќе доминираат посна сарма, посно гравче, риба.

Свети Никола се слави на 19 декември. Голем број православни верници вечерва (18 декември) прават заслуг, или чествување спроти слава, почеток на славење на светителот, заштитник на домот.

Свети Никола имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните.

Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција. Свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу Православната и Католичката црква од 1054 година.

На многумина денес им е јасно дека зад ликот на Дедо Мраз од бајките има сосема реален прототип, светиот Николај Мирликиски, епископот ликиски и на градот Мир. Тој е свет заштитник на сите немоќни, бедни и сиромашни и на патниците.

Свети Никола е еден од светителите што ги празнуваат сите христијани и имаат еднаква почит кон него, и католиците и православните, но интересно е што го празнуваат и протестантите.
Исто така, името Никола е многу распространето и се среќава и меѓу православните, и кај римокатолиците, и кај протестантите, како Никола, Николај, Николаос, Ник, Никол, Ниче, Коле, па Николина, Ники… На сите овие имиња коренот им е од Никола.

Теолозите истакнуваат дека одбележувањето на домашниот празник или слава претставува начин на прославување на светителите, како што практикува и македонскиот православен народ во својата традиција и црковно живеење. Сметаат дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава.

Празнувањето домашен празник, именуван како крсно име или крсна слава или именден, кај нашиот македонски народ е запишано уште во 1018 година, непосредно по пропаѓањето на царството на Самуил. Тоа е прв запишан случај на одбележување домашен празник кај словенските народи. Празнувањето се случило во градот Девол, кој денес не постои. Тој град се наоѓал јужно од Охрид. Еден наш војсководец, Македонец, по име Ивец, празникот Успение на Пресвета Богородица, Голема Богородица (на 28 август, по нов календар), го празнувал како своја домашна слава или крсно име, како што стои во записите. Н.Б.З.