Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска ги прими на средба претставниците на Здруженијата на лица со оштетен вид кој беа дел од протестот пред Владата на Македонија. Претставниците бараат повеќе средства за помагала, како и накачување на висината на додатокот за слепило кој го добиваат.
Тренчевска на средбата истакна дека за да може да се обезбеди секаков вид на помагала најпрво е потребно да ја определиме бројката на лица кои имаат потреба од нив како и за која категорија на лица се работи.
-Најпрво треба да се фокусираме на најнеопходните помагала, а потоа ќе ги вклучиме и другите. Мораме да ги мапираме вашите потреби и приоритети – рече Тренчевска.
Министерката им даде временски рок за доставување на потребните информации кои вклучуваат број, како и структура на лица за да може да се определат потребните помагала.
Во однос на покачувањето на додатокот за слепило и неговото врзување со просечната плата министерката истакна дека секоја држава има своја даночна политика и законодавство кое треба да се почитува. Таа додаде дека согласно Законот за социјална заштита, се што не е врзано со плаќањето на придонеси се врзува со трошоците за живот.
– За решавањето на ваквите предизвици треба да преговараме. Во моментот целиот свет и ние се соочуваме со најголемата економска криза. Владата ги вложува сите напори во надминување на истата, преку субвенционирање од 80% на сметките за струја директно влијаеме на домашниот буџет на сите домаќинства во државата. Го донесовме новиот пакет на антикризни мерки каде лицата со попреченост добиваат 4 месеци по 3000 денари и доколку има потреба ќе размислуваме и за нов пакет мерки во наредниот период – изјави Тренчевска
На средбата, како што соопшти МТСП, учесниците се договориле по доставувањето на информациите од страна на здруженијата да се одржи уште една средба со сите релевантни чинители каде ќе се решава за понатамошно постапување.