Работиме во насока да обезбедиме здравствени услуги во секоја болница. Ние не можеме да обезбедиме секоја услуга да се изврши во секоја болница, затоа што тоа е огромен товар за секоја установа, истакна денеска министерот за здравство Беким Сали, по посетата на Општата болница Куманово по повод реализираниот проект за гасификација на оваа јавна здравствена установа.
Во моментов, појасни, работиме на отсликување на сите болници, сите клиники што може да работат и колку имаат капацитет за тоа.
– За една здравствена услуга да се пружа на граѓаните значи тоа е мозаик на елементи кои мора да се вклопат едни со други, просторни капацитети, кадар, опрема и материјали. Во минатиот период имавме одлив на стручен кадар во странство, кој ние не можеме да го надоместиме веднаш-рече Сали, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе се преземе за доекипирање на кадарот во одделението за ОРЛ при Општата болница во Куманово.
Посочи дека Владата спроведува политики кои се мотивирачки за сите здравствени работници и не е само финансискиот дел, зголемување на плати, подобрување услови за работа, доопремување на болници…
– За ОРЛ кадар има меѓутоа има опрема која е дотрајана. Повремено има дефект со опремата и ние сме во фаза на набавка, меѓутоа тоа одзема малку време-додаде Сали.