Бугарскиот министер за транспорт Николај Сабев на учесниците во работната група им порача дека е постигнат многу сериозен напредок во областа на транспортот меѓу Бугарија и Македонија.

Има три теми на кои работи транспортната група, рече Сабев, а утре во Скопје ќе се разговара за авиолинијата меѓу двете соседни земји. Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот министер за транспорт Николај Сабев соопшти дека во Софија се одржува Мешовитата комисија за меѓународен транспорт.

Експертите се многу блиску до постигнување целосна либерализација на дозволите за патен транспорт за македонските и бугарските превозници. Ние, рече Сабев, ќе работиме на заеднички пазар.

Сабев и неговиот македонски колега Благој Бочварски ќе ја разгледаат можноста заедно со албанскиот министер за транспорт да побаараат од Европската комисија Коридорот 8 да се вклучи во европскиот проект Западен Балкан, преку кој ќе се обезбедат финансиски средства железницата и автопатите.

Има план за поповолни тарифи за роаминг, што се темелат на Меморандум од 2017 година од Владите на Бугарија и Македонија, за да може да паднат економските граници и луѓето да можат побрзо да донесуваат одлуки за работа, патување или одмор во Бугарија или Македонија.

Во бугарската делегација предводена од министерот Сабев која утре, заедно со македонската делегација предводена од министерот Бочварски, ќе допатува во Македонија со авион од Софија, ќе има инвеститори од најголемите летувалишта во Бугарија, како и сериозни туроператори.

Во Скопје, тие ќе се сретнат со туроператори од Македонија и ќе разработат туристички пакети за Македонците и Бугарите да можат брзо да патуваат и да ги користат одморалиштата од двете страни за економска смисла на авиолинијата Софија-Скопје.