Фото: ЛС Прилеп

Делегации од Општина Прилеп и Советот на Општина Прилеп предводени од градоначалникот Борче Јовчески и претседателот на Совет Дејан Проданоски, претстваници на општинските училишта, политичките партии, Сојузот на борци од Прилеп, како и претставници од МПЗ од Прилеп, денес положија свежи цвеќиња пред спомен обележјето на Гоце Делчев во училиштето што го носи неговото име, со што се одбележаа 120 години од загинувањето на македонскиот револуционер.

Пред присутните се обратија градоначалникот Борче Јовчески и директорката на ОУ „Гоце делчев“ Снежана Котева, при тоа честитајќи го патрониот празник на училиштето.

– Денес 120 години по неговата смрт ги чествуваме неговите заложби и како народ ни претставува должност да ја следиме неговата идеја. Но за жал и во денешно време, во годината во која уште и одбележавме 151 година од неговото раѓање, мораме уште поцврсто да се бориме за зачувување на македонските национални интереси и зацврстување на нашиот идентитет. Пред неговиот лик и дело ветуваме дека од тоа никогаш нема да одстапиме – истакна градоначалникот Борче Јовчески.

По повод патрониот празник на ОУ „Гоце Делчев“ вечерва ќе се одржи и свечена академија во ЦК „Марко Цепенков“.

Денеска се одбележаа и 111 години од загинувањето на прилепскиот револуционер Пере Тошев, при што беа положени цвеќиња и оддадена почит на гробот во црквата св. Благовештение и на спомен обележјето во центарот на Прилеп. Ка.М.