Фото: МЗ

Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска изјави дека нема волшебно стапче за веднаш да ги реши проблемите во здравството. Тој од штипската Клиничка болница најави дека веќе подготвуваат стратегии за нова реорганизација на здравствените институции и систематизација на работните места. Посочи дека со неговиот тим веќе подготвуваат и стратегија за задржување на младите лекари во земјава.

– Ние подготвуваме стратегија секој лекар, медицинар, студент, фармацевт и стоматолог, кога ќе стигне до шеста година, да се знае утре кога ќе заврши, да не оди по патишта три-четири години, да се разочара и да бега од државата. Тоа што го нарекуваме миграција на лекари. Сите напори ги правиме и гледаме која е најдобрата стратегија и ни треба уште малку време. Знаете дека кадрите не се прават за еден ден – вели Меџити.

Побара новинарите да информираат за се што не е во ред во здравството, а тој како министер за здравство стои на располагање, за да се надминат проблемите. Најави нова реорганизација и систематизација во сите здравствени центри.

– Ми кажува амбасадорот на ЕУ дека Данска со шест милиони жители има 122 здравствени институции, наша мала Македонија, наша мила држава има 1.200 здравствени институции и не може ниту Швајцарија да ги одржи. Овие треба да се спојат, тоа веќе го правам на Клинички центар, од прв ден како лекар што работи таму и кога дојдов на чело на Министерството веднаш се зафатив со овој проблем – Клиничкиот центар да се спои и трошоците да бидат помали и да има подобра здравствена услуга за пациентите – рече Меџити.

На новинарско прашање кога штипската Клиничка болница ќе добие одговор на барањето за вработување на 48 лекари и медицински персонал, бидејќи болницата работи со над сто вработени помалку, согласно систематизацијата и потребите на одделенијата, Меџити со одговор дека тој не е адресата за одговорот, бидејќи секој ден разговарал со министерот за финансии и премиерот за да почнат вработувањата во болниците и да се реализираат.

– Нормално нема да бидат одеднаш, да бидеме реални рационални, но да почнат да се движат работите – вели Меџити.

Прашан дали има временски рок, Меџити истакна дек дека не може да каже, а ако имало рок веднаш ќе го кажал пред новинарите.

– Но, ова зависи од Министерството за финансии и треба ние како граѓани на оваа држава да бидеме рационални. Ако болницата бара 50 да се дозволи барем 20 за да се отпочне и да се движат работите – рече Меџити.

Тој при денешната посета на Клиничка болница-Штип истакна дека пациентите и здравствените работници заслужуваат подобри услови за здравствена услуга, затоа се прават напори за надминување на проблемите со изградбата на новата болница, која требаше да се пушти официјално во јуни 2023 година.

– Јас денеска ги видов просториите, сум били порано тука како лекар, сум ја посетил болницата, ова навистина не личи на ништо и ова е 21 век и ние ќе направиме напори што побрзо новата болница да се заврши – вели Меџити.

Забележа дека за проблемите со изградбата на болницата е запознат и информиран уште од порано и изразува жалење што не е изградена болницата, но ќе работи на тоа што побрзо да се пушти во употреба.

Што се однесува за лекот „трикафта“ за болните од цистична фиброза, министерот потенцира дека побарале за да можат со тајно преговарање со компаниите да обезбедат лек за уште 18 пациенти.

– А за другите понатаму да биде средено, согласно регулативата за да можеме да го добиеме лекот – истакна Меџити.

Посочи дека медицинските сестри ќе добијат покачување на плата од 3.000, а останатите 2.000 денари, бруто на плата.