Фото: З.А.

Една од активностите на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, беше и крводарителната акција спроведена за Светскиот ден на извидништвото – 22 февруари. При оваа акција беа собрани вкупно 31 единица на крв, од кои повеќето беа подарени од кичевските извидници, додека помал дел на доброволци од градот. Во извидничкиот одред беа презадоволни од остварените резултати и посочија дека бројката ќе била и поголема, доколку дел од кичевските извидници не беа спречени да бидат дел од оваа крводарителна акција, поради обврски во други градови во земјава.

– Под мотото „Направи добро дело-дарувај крв“ во традиционалната акција што ја спроведуваме за Светскиот ден на извидништвото – 22 февруари, собрани се вкупно 31 единица на крв. Акцијата беше реализирана во Заводот за трансфузиона медицина во нашиот град, а покрај нашите извидници, во акцијата беа вклучени и повеќе доброволци од градот. Бројката ќе беше секако и поголема, ако дел од нашите членови имаа повеќе од 18 години или не беа во други градови во земјава, каде што го продолжија своето образование – истакна началничката на извидничкиот одред „Мирко Милески“, Марија Арсовска.

Од одредот најавуваат и други активности, како еколошки акции, така и прием на нови млади извидници во април и организирање на традиционалните Септемвриски извиднички средби. З.А.

Фото: З.А.