Фото: З.А.

Енормното поскапување на струјата, огревното дрво, пелетите и другите енергенси, придонесе добар дел домаќинства во Кичево да го одложат почетокот на грејната сезона, иако претходните ноќи температурите се спуштаа и под нула. Се чини дека економската криза и високите цени ќе ги присилат повеќето домаќинства во секој малку потопол ден да ги затоплуваат домовите што пократок период, за да заштедат од прескапите енергенси.

– Бидејќи дрвата се далеку поскапи од лани а и до нив тешко се доаѓа, приморани сме да го одложиме почетокот на грејната сезона, бидејќи се додека не се навикнеме на престој во топли домови ќе можеме и ќе мораме да седиме во постудени куќи и станови, од единствена причина што цената на дрвата е далеку повисока а нашите приходи се речиси исти како претходните години, со други зборови реално многу помали – вели Драган Тренески, жител на Кичево.

По неговите стапки тргнаа голем број домаќинства и забележливо е како повеќето оџаци во Кичево не чадат и на 30 октомври, што изминатите години не беше случај.

– Иако во изминатиот период имаше ноќи па и денови кои беа доста студени, сепак поради скапите енергенси и недоволните количества на огревно дрво со кои располагаме, не присилија почетокот на грејната сезона да го одложиме за петнаесетина дена. Според наша проценка ако започнеме со затоплување на домот на почетокот на ноември, ќе заштедиме повеќе дрва кои ќе бидат добредојдени во наредната календарска година – рече пензионерот Томе Велкопски.

Иако грејната сезона е започната, добар дел домаќинства се уште немаат дрва и прашање е кога и дали воопшто ќе успеат да набават доволни количества за да ја протуркаат зимата, а добар дел од нив се постари пензионери.

Покрај тоа што бројот на домови кои деновиве се затоплуваат се уште е далеку од максимумот, сепак аерозагадувањето во Кичево е меѓу највисоките во земјава што го потврдуваат секојдневните мерења и овој град е меѓу најзагадените со високи вредности на ПМ-10 честички.

– Најдобра потврда дека аерозагадувањето во Кичево не е единствено од затоплувањето на домовите, туку има повеќе причини, се изминатите денови кога добар домаќинства се уште не ложат. Улиците се многу валкани и кога се движат возилата ситните честички се креваат повисоко во воздухот и ја загадуваат околината, како и многуте товарни возила кои се движат низ градот придонесуваат да се зголемува аерозагадувањето. Не смее да се занемари ниту прашината што паѓа врз градот од трасата на новиот автопат, прашање кое никој досега не сака да го постави. Исто така изградбата на повеќе градски улици кои подолг рок не се завршени, придонесува присуството на ПМ-10 честички во градот да биде многу високо и опасно поздравјето на неговите жители – нагласуваат загрижени екологисти од градот. З.А.