За нас лично одлуката на обвинителството од Битола да се откаже од
кривично гонење по службена должност на лекарите и медицинскиот персонал
кои беа вклучени во лекувањето на нашата ќерка Јана во битолската болница,
не е изненадување. Напротив ние таква одлука очекувавме, особено по
добивањето на обдукцискиот наод дека лекарите не се виновни за смртта на
нашето девојче. Во ваква ситуација, кога во оваа држава нема правда и по се она
што го доживеавме во изминатите три месеци од смртта на нашата Јана не ни
преостанува ништо друго туку да си ги спакуваме куферите и да се иселиме од
оваа држава. И тоа наскоро ќе го направиме. Ова го изјавија родителите на Јана на вечерашниот протест пред ОЈО Битола.
Тие порачаа дека се во контакт со лекари и експерти од земјава и од странство на кои има ја испратиле целокупната медицинска документација.
– Овде човек нема шанси да ја докаже вистината, а особено не против лекари
кои се исповрзани со судии, обвинители, политичари, бизнисмени… Но, тоа не значи дека ние како родители ќе се откажеме од нашите настојувања да се утврдат причините за смртта на Јана. Во наредните денови ќе се консултираме со нашите пријатели, стручни лекари и експерти од земјата и странство со кои постојано комуницираме и на кои им ја испративме целокупната медицинска документација од обдукцискиот наод
и дека ќе направиме се да се утврдат причините за смртта на нашата Јана. Не знаме зошто обвинителството толку брзо се откажа од гонење на виновниците по службена должност и сега нас нѐ става во ситуација правдата да ја бараме по приватна тужба за која ќе бидеме изложени на трошоци. Ние Јана не можеме да ја вратиме, но вистината за нејзината смрт мора да се докаже и за да не ни случуваат нови такви случаи – истакнаа родителите на Јана во своите емотивни пораки на вечерашниот протест.
Основното јавно обвинителство – Битола до семејството го достави интегрално извештајот од Институтот за судска медицина во кој експлицитно е наведено дека во постапувањето на медицинскиот персонал која го лекувал девојчето на 22 март годинава не се содржани елементи на кривичното дело несовесно лекување болни од член 207 од КЗ или некое друго кривично дело кое се гони по службена должност.
Согласно вештиот наод, утврдено е дека постапките на сите здравствени работници кои биле вклучени во лекувањето биле во согласност со сите правила и начела на медицината. Имајќи го предвид ваквото вештачење кое беше засновано на целокупната медицинска документација, здравствената историја на починатата и наодот од обдукција, како и исказите на испитаните здравствени работници и на родителите, обвинителството достави известување до семејството дека во конкретниот случај нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување.
Девојчето почина на 22 март на детското одделение во битолската болница. Државниот санитарен и здравствен инспекторат потоа изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола, при што здравствените инспектори не утврдиле пропусти во лекувањето на Јана, како што соопшти ДСЗИ. Направен бил и увид во медицинската евиденција, а земени беа изјави и од здравствените работници кои го лекувале детето. Семејството на Јана не е задоволно ниту од извештајот на ДСЗИ. М.М.