Во општина Прилеп денеска се одржа четвртата седница на Економскиот совет со која претседаваше градончалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, а беа присутни претседателот на Советот Дејан Проданоски, претставници од бизнис-секторот од Прилеп, од Регионалната Стопанска комора – Прилеп, претставници од локалната самоуправа, раководителите на секотри и на ЈКП во Прилеп. При тоа, велат од општината, биле презентирани планираните проекти, во согласност со буџетот на општина Прилеп за годинава.
Воедно, претставниците на бизнис-секторот биле запознаени со услугите на јавните претпријатија кон бизнис-заедницата, а биле презентирани и активности на Секторот за урбанизам, комуналии и заштита на животната средина, во насока на поквалитетни и поефективни услуги за бизнис-заедницата.
Во однос на изнаоѓање решение за ублажување на последиците од енергетската криза, на седницата на Економскиот Совет на општината бил ставен акцент и за можностите за поставување на фотоволтаични панели од страна на деловните субјекти.
На четвртата Седница на Економскиот Совет на Општина Прилеп станало збор и за заеднички проекти за подобрување на условите за живот и животниот стандард на граѓаните на Прилеп. А, бизнис секторот бил запознат со зачленувањето на Општина Прилеп во В40 мрежата на балкански градови и за значењето од ова членство за градот.
– Со членувањето во оваа мрежа создадовме услови за соработка меѓу градовите и можност за размена на позитивни искуства за решавање на урбаните проблеми. Тоа би значело и одлична можност за креирање на економска соработка со градови од Балканот, воспоставување бизнис корелации и освојување на нови пазари – рече градоначалникот Борче Јовчески. Ка.М.