Фото: З.А

Првиот бран иселеници од кичевскиот регион деновиве се вратија на годишен одмор во земјава, а тоа најдобро се почувствува во интензитетот на сообраќајот во градот, како и во зголемената посета и побарувачка на зелениот пазар.

Бидејќи иселениците имаат многу поголеми примања од локалните жители, тие не прашуваат за цена кога ги купуваат намирниците кои им се потребни. За зголемената потрошувачка потврдуваат и продавачите кои денес ги затекнавме на зелениот пазар.

-Традиционално, во овој дел од летото потрошувачката на нашата стока се зголемува благодарение на зголеменото присуство на печалбарите од овој крај, кои доаѓаат на годишен одмор во земјава. Тие купуваат се што им е неопходно и во количини кои сметаат дека им се потребни за наредните неколку дена. За нив е важен квалитетот на стоката, а цената е во втор план. Ваков интензитет на потрошувачка очекуваме и во наредните 30-40 дена, до нивното заминување во земјите од каде што доаѓаат – вели Блаже Ристески, тезгаџија на зелениот пазар.

Инаку цените на зелениот пазар споредени со цените во последните неколку години се повисоки, па така доматите денес се продаваа по цена од 60 до 70 денари за килограм, зелената пиперка од 50 до 70 денари, краставиците 50 денари, колку што чинеа и праските. Бостанот се продаваше по цена од 30 до 40 денари, а најповолна цена имаше компирот чија цена беше 100 денари за три килограми. Дињите традиционално имаат највисоки цени заедно со крушите.

Жителите кои постојано се присутни во градот посакуваат нешто пониски цени, за да ги задоволат неделните потреби.

– И покрај добрата потрошувачка на стоката на зелениот пазар, сепак ние локалните жители учествуваме со помал процент во оваа потрошувачка, бидејќи најважните намирници доматите и пиперките имаат превисоки цени споредено со нашиот стандард – вели локален купувач.

З.А