Фото: З.А

Единствениот кичевски оџачар Џули Рахмани од средината на месецов е најбараната личност во градот и регионот, затоа што е единствениот кој се занимава со оваа работа и поради периодот кога започнува подготовката за грејната сезона.

– Од средината на месецов и до крајот на јануари работа има на претек и чинам дека во овој период сум најбараниот човек во градот. Граѓаните претежно ме бараат кога ќе наидат на проблеми со оџакот и инсистираат уште дента да ја завршам работата, но преголемите обврски кои секојдневно ги имам не ми дозволуваат на сите барања да одговорам уште истиот ден. Да бидам искрен и јас би сакал што побргу на сите да им ја завршам работата и сите да бидат задоволни и да имаат топли домови. Впрочем и мене ми одговара да ја завршам работата во деновите кога нема дожд или снег и помала лизгавост на покривите и поголема лична безбедност при работата – вели младиот оџачар Џули.

Покрај во Кичево и околните села тој се прочул и многу подалеку и често го бараат жители на Македонски Брод, Пласница и останатите подалечни села.

– Во последно време се почесто ме бараат и граѓани од општините Пласница и Македонски Брод, но тешко е навистина во еден ден да се одговори на многуте повици и затоа е препорачливо луѓето да бидат трпеливи и сигурни дека и кај нив час поскоро ќе ја завршам работата – додава оџачарот и нагласи дека интересот за овој занает воопшто не постои и покрај обидите со неколкумина помлади жители на градот да продолжат по неговата патека.

– Интересот за овој занает речиси е никаков и прашање е кој ќе ме наследи кога ќе остарам и не ќе можам да се качувам по стрмните покриви – додаде на крајот мајстор Џули.

Инаку за чистење на еден оџак цената изнесува 350 денари, додека во подалечните средини цената е нешто повисока.

З.А