Фото: З.А.

Пред Меѓународниот ден на жената 8 март, цвеќарите од Кичево и од околните места се лоцираат во центарот на градот, каде во овие два дена очекуваат нешто подобар промет за барем малку да го надоместат празниот од во текот на изминатите два месеца. Цвеќарите свесни за сѐ понискиот животен стандард на граѓаните на Кичево, незначително ги зголемија цените, со што им овозможија на локалните жители да можат да купат цвеќе за своите мајки, девојки и баби по пристапни цени.

– И покрај сѐ понискиот животен стандард на граѓаните на Кичево и годинава интересот за купување на цвеќе не изостана, а главниот промет го очекуваме во текот на утрешниот ден, што е вообичаена практика на нашите сограѓани, цвеќе да купуваат во минута до дванаесет. За да им овозможиме на купувачите по што пониска цена се снабдат со каранфили, ружи и други цвеќиња, незначително ги подигнавме продажните цени, а причината лежи и во зголемените цени на нашите добавувачи – истакна Драган Трајкоски, локален цвеќар, долги години присутен со своја тезга во центарот на Кичево.

Фото: З.А.

Повеќето цвеќари се задоволни од денешниот промет и очекуваат интересот на граѓаните да се зголеми во текот на утрешниот ден.

– Традицијата кај нас налага цвеќе да се купува во текот на самиот празник, иако дел од нашите сограѓанки се наоѓаат на некаква веселба во градот и околината. Што се однесува до цените тие не се разликуваат од лани, па така каранфилите се продаваат по цена од 50 денари, ружите се нешто поскапи и чинат 150 денари, додека цвеќињата во саксија чинат 250 денари. Располагаме и со мали кактуси чија цена е симболична и чини само 30 денари – истакна Јасмина Димитриеска.

Фреквенцијата на луѓето во овој дел од градот е добра најава за зголемен промет во текот на утрешниот ден. З.А.

Фото: З.А.