Фото: Водовод Битола

Во Битола попладнево силен дожд поплави делови од градот, предизвика прекин на сообраќајот на повеќе сообраќајници, а има и поплавени визби и домови.

Невремето го принуди градоначалникот Тони Коњановски да свика вонредна седница на Општинскиот кризен штаб.

На состанокот присуствуваа претставници од општинската администрација, директорите на јавните претпријатија, Претседателката на Советот на општина Битола, координаторите на советничките групи при општинскиот совет, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, СВР Битола, ТППЕ Битола и ОО Црвен крст Битола.
Од страна на присутните беше образложено дека, пријавени се штети на следните локации: удар од гром на улицата Караорман број 104в, поплавени визбени простории на улицата Ѓорче Петров, на броевите 21 и 39, поплавени куќи на Дебарска бр 99, Струшка бр. 33, Димитар Мите Богоевски бр.6, одрон на патниот правец А3 (кај тунелот), како и паднати дрвја на патниот правец Беранци – Вашерејца – општина Могила.
Јавните претпријатија со своите човечки ресурси и механизација, на терен веќе работат на отстранување на штетите предизвикани од обилните врнежи од дожд, а КЈП Нискоградба, согласно заклучоците од денешниот состанок има обврска да изготви динамички план со технички решенија за отстранување на поголемите проблеми на одредени локации, каде истите се констатирани.
Граѓаните кои имаат штети, истите може да ги пријавуваат на телефонскиот број 112 на Центарот за управување со кризи, а Комисијата за проценка на штети, дополнително ќе ја утврди состојбата.
На денешниот состанок, беше договорено и општинската администрација да ги контактира претседателите на урбаните и месните заедници, како би можело да се добијат точни податоци за нанесени штети во сите делови на општината и соодветно на тоа, доколку е потребно да се преземат дополнителни мерки.