Фото: Енергоатом

За време на последната инспекција на нуклеарната централа Запорожје што ја држат Русите, експертите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не воочиле никакви знаци на поставени мини или експлозиви во централата, но за да бидат целосно сигурни во тоа, им треба подобар пристап до електраната, соопшти денеска МААЕ.

Русија и Украина вчера меѓусебно се обвинија дека планираат напад на најголемата нуклеарна централа во Европа. МААЕ постојано предупредуваше дека таму може да се случи катастрофа поради воени судири во близина.

Двете земји меѓусебно се обвинуваат за гранатирање, кое неколку пати досега предизвика прекин на електрични водови важни за ладење на шесте реактори на електраната и за спречување на дефекти.

Експертите на МААЕ „во последните денови и недели прегледаа делови од централата, вклучително и делови од периметарот на големиот базен за ладење, а ја посетија и целата област, но досега не забележаа видливи знаци на поставени мини или експлозив во централата“, се вели во соопштението на МААЕ.

– Експертите на МААЕ побараа дополнителен пристап, кој е неопходен за да се потврди отсуството на мини или експлозиви – се додава во соопштението.

Поточно, од суштинско значење е пристап до покривите на реакторските единици 3 и 4, како и пристап до делови од салите за турбини и некои делови од системот за ладење во централата.

Украинската војска вчера објави соопштение во кое тврди дека на покривот на третиот и четвртиот реактор биле поставени „експлозивни направи“ и оти е можен напад „во блиска иднина“.