Фото: З.А.

И покрај чуварската служба која е поставена на Китиното кале по неговата реконструкција извршена претходната календарска година, сепак вандалското однесување на поединци и натаму продолжува. Во сите делови на калето можат да се забележат одредени оштетувања како на комуналната опрема така и на осветлението и на фонтаните.

-И покрај нашата континуирана грижа за да не се оштетуваат реквизитите поставени на Китиното кале, сепак сведоци сме на повеќе оштетувања што се имаат случено на електрични светилки, урбаната опрема, детските реквизити и се што е тука поставено за доброто на сите граѓани на Кичево. Колку и да водиме сметка да не дојде до оштетувања на поставената опрема, сепак во ситните саати поединци продолжуваат со старата практика и единствено како да ги испонува направената штета на калето, кое по минатогодишното реновирање доби неспоредливо поубав изглед – велат вработените од чуварската служба и ги набројуваат штетите направени на калето последните неколку месеци.

Фото: З.А.

На платотото на највисоката кота оштетени се и украдени неколку лед светилки,на повеќе места се однесени и корпите за ситен комунален отпад а неодговорни лица, пред се деца, искршиле дел од плочките поставени на фонтаните а празните фонтани ги наполните со ситни камења.

-Ако продолжи овој тренд на вандалско однесување на поединци тогаш за неколку години Китино кале повторно ќе почне да наликува на напуштен простор – додава вработениот во чуварската служба, кој истакна дека нивниот ангажман е секојдневен од 14 часот попладне до 6 часот наутро.

З.А.