Најстарите жители на Кичево добро се сеќаваат на оваа чешма лоцирана во северниот дел на градот во близина на главната улица, кај нагорнината што води кон населба Бела Кула. Ако запрашате кој било човек од населбата, ќе добиете прецизен одговор која е најстарата чешма во градот. Оваа чешма била една од ретките во тоа време и како што велат жителите од блиската населба, порано се чекале редови за да се наполни вода за пиење, сѐ до пуштањето на градскиот водовод во шеесетите години на минатиот век.
– Посебно место во овој дел на Кичево има чешмата изградена пред повеќе од два века во населба Бела Кула. Бидејќи во тоа време населбата не располагала со водовод, главниот снабдувач со вода за пиење и за готвење била токму оваа чешма, која и во периодите на големи суши не пресушувала и како што велат нејзините корисници, водата од оваа чешма секогаш била исправна за пиење. Бидејќи во тоа време градот немал сопствен водовод, за да наполнат вода крај оваа чешма се собирале редици локални жители кои трпеливо чекале да дојдат на ред за да наполнат вода за пиење и останати потреби – вели Мухамед Алоски.
Тој посочи декаи најстарите генерации од нивната населба добро ја паметат оваа чешма што значи дека истата навистина е многу стара.
Демо Мамудоски еден од најстарите жители на градот (95 години) потсетува дека водата до оваа чешма се транспортирала со цевки од керамика, од делот на градот каде што денес се наоѓа населбата Девејана и денес чешмата има здрава вода и е функционална и им служи на локалните жители.
– Нема човек од нашата населба, па и пошироко, кој нема да ви каже убави зборови за чешмата во Бела Кула. Според сите согледувања чешмата потекнува од турско време, бидејќи официјални податоци нема, а на таблата од чешмата пишува дека таа е изградена пред повеќе од два века. Со вода се снабдувала преку цевковод долг повеќе околу 1,5 километри од денешната населба Девејана, каде што имало непресушни извори кои биле идеална можност населбата континуирано да се снабдува со квалитетна вода за пиење. Иако денес нашата населба и градот Кичево имаат современ водовод, сепак дел од месните жители и ден денес жедта ја гасат од оваа чешма надалеку позната – истакна Мамудоски.
Водата истекува од три дулци и никогаш нема пресушено.