Фото: Зоран Антоски

На градскиот плоштад во Кичево, кој е во интензивна реконструкција, деновиве се поставува и нова урбана опрема, клупи за седење и канти за ситен отпад.
Урбана опрема ќе биде поставена на повеќе делови од плоштадот кој се протега на површина од близу 5000 метри квадратни.

– Чекор по чекор се ближи крајот на реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево. Над 90 проценти од мермерните плочи се веќе поставени, целосно е завршено хортикултурното уредување а во полн ек е поставување на нова урбана опрема .Новите клупи за седење ќе бидат во повеќе форми и големини а се изработени во Пехчево од варено буково дрво. Поставувањето на урбаната опрема ќе заврши најдоцна за десетина дена, до кога се очекува целосно да бидат поставени и мермерните плочки, додека во саботата монтирани се и последните канделабри со лед светилки кои ги има над 30 на градскиот плоштад – нагласи Љупчо Матески, надзор од компанијата изведувач на работите.

Тој потсети дека средствата за целосната реконструкција на градскиот плоштад во Кичево се обезбедени средства од ТАВ програмата во износ од 800 000 евра и ќе претставува пријатно катче за прошетки во потоплиот дел од годината.

– Оваа реконструкција ќе помогне да се отворат и дел од угостителските објекти кои на овој потег пред две децении ги имаше над десет, а тоа ќе овозможи и поголема концентрација на млади во средиштето на градот – додава Матески.

З.А