Фото: З.А

По 30. јубилеен пат, викендов беше посетен локалитетот „Ѓурѓејца“, ледина помеѓу селата Карбуница и Кладник кичевско, каде е испишана една од најсветлите страници од Илинденската епопеја и извојувана една од ретките и блескави победи на Илинденците во 1903 година.

Почитувачите на Илинден од сите генерации кои што беа присутни на ова одбележување, чествувањето го започнаа со полагање на свежо цвеќе пред спомен обележјето, кое што пред неколку години сами го изградија, потоа се пееа патриотски песни, се одиграа натпревар во мал фудбал и на крај посетата беше заокружена со заедничка закуска.

-Полни 30 години во последниот викенд од февруари реализираме посета на спомен обележјето во месноста „Ѓурѓејца“ кичевско, каде голем број патриоти ги положиле животите во прочуената битка во една од најблескавите победи од времето на Илинден. Посетата ја започнавме со поклонение пред спомен обележјето што сами го изградивме во чест на титаните кои тука го положиле животот во славната битка. Потоа на блиската ледина одигравме натпревар во мал фудбал, испеавме повеќе револуционерни песни како потсетување на тоа време и организиравме заедничка закуска. На крај си ветивме дека и догодина ќе бидеме тука независно од временската ситуација, бидејќи низ годините ниту снегот, ниту мразот и ниски температури не можеа да не откажат од намерата да го посетиме ова за нас, култно место – рече Александар Кочоски, еден од ветераните кој не прескокнал ниту една посета на „Ѓурѓејца“.

Тој нагласи дека благодарение на нивниот ентузијазам и широкоградост, денес „Ѓурѓејца“ не е само гола ледина, туку со новоиграденото спомен обележје ќе ги потсетува намерниците на времето на револуционерната борба од 1903 година.

З.А